Притвор во отсуство за убиството на Мартин Јанушев


Едномесечен притвор во отсуство му е одреден на 24-годишен скопјанец, осомничен дека пред една година го уби со умисла фудбалерот Мартин Јанушев. Според Основното јавно обвинителство, осомничениот, користејќи дозволено викенд отсуство, го напуштил КПУ „Идризово“, каде што издржувал казна затвор во траење од 20 месеци, дошол пред зградата во населбата Аеродром во која живеел Јанушев, се сретнал со него и испукал повеќе проектили од огнено оружје кон жртвата, нанесувајќи му пет прострелни рани. Од здобиените повреди, Јанушев починал.

„По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, судија на претходна постапка на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, сметано од денот на негово пронаоѓање и лишување од слобода. Кривичната пријава од страна на МВР за ова лице е поднесена на 17.11.2017 година. По поднесената пријава, во текот на предистражната постапка, обвинителството интезивно работеше на обезбедување материјални и вербални докази. Притоа, испитани се над 40 сведоци и обезбедени се голем број релевантни вештачења и анализи. Со оглед на тоа што осомничениот се уште е недостапен на органите на прогонот, согласно Законот за кривична постапка, надлежниот јавен обвинител до Министерството за внатрешни работи издаде наредба за распишување домашна и меѓународна потерница“, соопшти ОЈО.

Фудбалерот Мартин Јанушев беше застрелан околу 18 часот на 3 ноември лани. Блиските на момчето се вработени во МВР, па низ чаршијата се слушаа разни гласишта околу мотивот за злосторството. Министерот Оливер Спасовски соопшти дека „досегашните сознанија демантираат дека станува збор за нарачано убиство“. Од МВР рекоа дека имаат индиции каде се наоѓа осомничениот.

Јанушев играл за клубовите Маџари Солидарност, 11 Октомври и Локомотива.