Притворени поранешен грчки министер за одбрана и неговата сопруга за перење пари


Поранешниот грчки министер за одбрана Јанос Папандониу и неговата сопруга Ставрула Кураку со лисици на рацете доцна синоќа беа пренесени во делот за трансфер на притворени лица на грчката полиција, а денес ќе бидат префрлени во некој од грчките затвори, откако двајцата истражни судии за борба со корупција и обвинителот едногласно одлучија брачната двојка да биде притворена поради перење пари во износ од 2,8 милиони швајцарски франци.

Шеесет и девет годишниот Папандониу, во периодот 2001-2004 додека беше министер за одбрана во владата на ПАСОК, според обвинението што е на над 800 страници, потпишал договор во 2003 година за модернизација на шест воени фрегати и добил подарок од 2,8 милиони швајцарски франци.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во маратонското сослушување, над 16 часа, кое започна во понеделникот, а заврши доцна синоќа, брачната двојак ги негирала сите обвиненија за кои се товарат.

Според грчките медиуми, поранешниот министер за одбрана и неговата сопруга се обиделе да ги убедат истражните судии и обвинителот дека конкретниот износ што се споменува, не бил нелегален. Папандониу тврдел дека не добил пари за договорот за фрегатите, додека пак неговата сопруга тврдела дека парите се од времето кога поранешниот министер работел во странство.

Проценките, според обвинението, како што пренесуваат грчките медиуми, се дека со перењето пари, брачната двојка Папандониу – Кураку, направила штета на државата во висина од околу 400 милиони евра.

– Инструментализацијата на грчката правда ја става во опасност самата демократија, рече поранешниот министер за одбрана на Грција, Јанос Папандониу за медиумите по завршувањето на сослушувањето, а пред да биде пренесен во просториите на грчката полиција.

Во текот на денешниот ден Обвинителството ќе одлучи во кој грчки затвор ќе
бидат пренесени поранешниот министер и неговата сопруга.

Јанос Папандониу важеше за еден од најблиските соработници на поранешниот грчки премиер од ПАСОК, Костас Симитис.

Ова е втор случај во Грција поранешен министер да биде притворен. За перење пари, во октомври 2013 на 20 годишна затворска казна беше осуден поранешниот министер за одбрана Акис Цохаѕопулос, кој во јули годинава, поради здравствени причини беше ослободен.