Принови на македонската естрада: Се радуваме на децата


Имаат успешна кариера, изглед и стил. Запливаа во брачните води, и семејството сега им е во центарот на вниманието. Дел од нив уживаат во родителските обврски, а некои допрва ќе се израдуваат на приновите.

Поп-пејачката Аделина Тахири минува убав период во нејзиниот живот – таа е бремена и очекува да стане мајка наскоро уживајќи во бракот со адвокатот Серјожа Марков. На социјалните мрежи постојано информира околу подготовките за најрадосниот ден на секоја родител.

Пејачката и харфистка Сара Мејс и водителот Димитар Атанасовски исто така чекаат бебе. Не го откриваат полот на детето. Веста молскавично се прошири низ медиумите откако Мејс се трудеше под широката долга кошула да го затскрие нараснатото трудничко стомаче на гостувањето во емисијата „Стисни плеј“ кај Александра Јовановска на МТВ.

Двојката се венчаше минатото лето. Бунтовната дама на македонската естрада, препознатлива со својата необична фризура, тетоважите и необичниот стил на облекување, ѝ се радува на улогата на мајка. Вели дека ги издржала мачнините во првото тримесечје, сега може пополека да се подготвува за новите родителски предизвици.

Манекенката и бизнисменка Цеце Орешкова-Георгиев, која пред четири години го промени животниот стил и стана голем вљубеник на коњичкиот спорт, сега е пред уште една исклучително важна животна улога. Наскоро ќе стане мајка, а јавноста дозна кога се појави на Виенскиот бал во Скопје во поодмината бременост.

– Засега сè е во ред. Се чувствувам одлично и покрај неколкуте килограми плус. Во секоја смисла на зборот уживам во бременоста. Полот нека биде изненадување за јавноста – вели Георгиев.

Поп-пејачката и авторка на ТВ-емисијата „Улица Македонија“, Бојана Скендеровски, пред шест месеци стана мајка. Улога во која првпат се најде во животот. Вели, грижата околу бебето ја направила поодговорна и несебична, заборава на егото и на личните приоритети. Иако сега животот и се врти околу малата Искра, таа ја почна новата сезона на многу гледаната емисија „Улица Македонија“, која е малку концепциски променета.

– Кога една жена ќе стане мајка, од нејзината личност се создава друга димензија, сосема поинаква од претходно, заборавате на егото, на своите лични приоритети и пред вас имате едно мало човече од 4 кг кое е комплетно зависно од вашата грижа, е таа димензија од вас ве прави поодговорни, несебични и погрижливи. Сите непроспиени ноќи и болки во грбот ги заборавате во моментот кога вашето бебе наутро ќе ве погледне со очињата и ќе ги подаде рачињата да ве гушне – вели Бојана.

Ема Темелковска-Анчевска, по синот Исак (2), стана горда мајка на малата Лина која уште не наполнила ниту еден месец. Косопственичката на агенцијата за односи со јавност, маркетинг и организација на настани, „Идеа лаб“ засега работните обврски ги става во втор план, зашто не е лесно да си мајка на две мали деца.

– Сопругот многу ми помага, а Исак е послушен брат кој е љубопитен околу бебето и не ни прави проблеми – вели Ема. (Л.С.)