Прилеп се подготвува за 17-от по ред меѓународен карневал „Прочка 2018“


Општина Прилеп се подготвува за одржување на 17-от по ред меѓународен карневал „Прочка 2018“.

Карневалските свечености ќе почнат на 16 февруари со отворање на традиционалната изложба на детски маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Ден потоа ќе се одржи детскиот карневал за учесници до 14 години.

Главната манифестација ќе се одржи на Прочка, на 18 февруари, кога ќе дефилираат маските од земјава и странство.

Според Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“, кој со локалната самоуправа е соорганизатор на карневалот, на настанот ќе продефилираат над 1000 учесници и гости од земјава и од странство.

Досега се пријавени групи од Македонија и од соседните држави: од Будва во Црна Гора, Бања Ковиљача, Врњачка Бања, Лесковац, Белград, Бол, Шабац, Бела Црква во Србија, од Корча во Албанија, од Перник во Бугарија, а се очекуваат учесници и од Италија, Словенија, Украина. Од Македонија се најавени гости од Мокриево, Куратица, Бегниште, Кавадарци, Ратево, Струмица, Радовиш.