Прилепскиот тутунски комбинат им нуди на 250 работници да заминат со отпремнина


Тутунскиот комбинат Прилеп бара втора тура работници кои доброволно ќе си заминат од компанијата. Цел на постапката е постигнување на поголема ефикасност, и ова е последна фаза на реорганизацијата што почна во 2016 година, соопшти компанијата. Доброволното заминување ќе се спроведе во координација со синдикатот, кој што дал позитивно мислење. Во 2015 Прилепскиот комбинат речиси го преполови бројот на вработени, кога со отпремнини од 10.000 до 15.000 евра си заминаа 535 работници.

„Доброволните пакети се прават врз основа на подобрен принцип од последниот пат и овој пат знаеме дека е конечен, така што луѓето се охрабруваат да го преземат овој значаен и корисен чекор, знаејќи дека нема да има следен круг. Иако има голем интерес, максималниот број на работници што ќе искористат социјални пакети е 250 “, рече Игор Китаноски од синдикалната организација на Тутунскиот комбинат.

Со влезот на „Филип Морис“, Комбинатот бележи позитива, нема долгови кон државни институции и навреме плаќа кон комерцијалните партнери и банките.

„ Имавме добра сезона за откупување тутун. Сепак, има одредени промени кои треба да се направат за да бидеме поефикасни. Процесот на трансформација опфаќа и процес на доброволно заминување, што е неопходно. Компанијата е во состојба на прекумерно вработување, па затоа потребна е ревитализација, приспособување кон глобалните трендови и создавање компанија која е ефективна и профитабилна. Тука нема оштетена страна, секој е победник, а најдобра корист е отворањето можности за раст на компанијата, која во иднина ќе обезбеди можност за отворање нови работни места за младиот персонал”, изјави генералниот директор на Тутунскиот комбинат Прилеп, Кире Станкоски.