Приведена екипа на РТС во Пеќ, по пет часа ослободена


 Екипа на Радио-телевизија Србија (РТС), која вчера ја снимала  четврта епизода на емисијата „Право на утре” за узурпираниот имот на Србите во Пеќ, заедно со пет адвокати, била уапсена од косовската полиција, соопшти денеска  јавниот сервис.

Снимателот Александар Стипиќ, реализаторката Билјана Ердељан и возачот Далибор Милутиновиќ, биле уапсени во Пеќ околу 17:45, и со нив биле приведени и пет адвокати.

Уредничката на емисијата Светлана Вукмировиќ изјави дека не била приведена цела екипа, бидејќи другите се наоѓале во друго возило, а биле паркирани пред полициска станица во Пеќ. Во тимот биле и режисерот Владимир Јовановиќ и тонецот Мирослав Радишиќ, како и еден адвокат.

Вукмировиќ вели дека непознат Албанец пријавил во полиција, по што следело апсењето.

Членовите на тимот и адвокатите биле претресени, легитимирани, утврдено било кога влегле во Косово, а потоа биле испрашувани пет часа.

Приведените откако виделе дека не ги пуштаат, по час и половина, ја информирале Канцеларијата за КиМ, по чија интервенција биле пуштени на слобода околу 22:25.

Екипата потоа се собрала во Пеќ, од каде што заминала во Грачаница.

Програмата „Право на утре” се реализира во соработка со проектот „Бесплатна правна помош” на Европската унија и Канцеларијата за КиМ.