Претседателот како Насредин-оџа
Ерол Ризаов
Вчудовидувачки, но здраворазумните луѓе, по потпишувањето на договорот со Грција, сè уште играат на теренот на ВМРО-ДПМНЕ. Се обидуваат на самопрогласените уставобранители, национални идеолози и хигиеничари, да им го прочитаат и да им го толкуваат договорот со Грција. Тоа е исто како на атеисти да им го читате Стариот завет, очекувајќи дека ќе поверуваат во Господ, или на верници да им кажувате дека нема Господ.
Во таква мисија, што повеќе аргументи нудите, толку полошо за аргументите. Што повеќе им ја докажувате лудоста и штетноста од нивните постапки против сопствената татковина, толку повеќе добиваат на сила. Последен час е кога треба да се прекине нерегуларниот натпревар со тие што не го бранат ни името, ни идентитетот, ни државноста, ни иднината, бидејќи тие се одбранети со договорот, туку се пазарат нивните наредбодавачи и добродетели да не одат во затвор за своите злодела. Таму повеќе не може ништо да се направи, освен да се остават да си играат сами со себе.
Она што може и мора да се направи во ваков историски момент е да се насочи аргументацијата кон луѓето кои сè уште имаат дилеми и нејаснотии околу тоа што добиваме и што губиме со договорот, кој е ратификуван во Собранието на Македонија. Без ниту едно подметнување, без ниту една лага и обид за манипулација треба секој член од договорот да се појасни со разбирлив јазик за сите граѓани на Македонија. Но, истото тоа да се направи и за светот, бидејќи некои термини што ги усвоија противниците на овој договор патуваат низ светот. За наша среќа, противниците на договорот и во Грција лиферуваат партиски пароли и лаги во битката за власт кои го обиколуваат светот, а нам ни одат во прилог. Па, така, Грците што не се согласуваат со договорот велат: премиерот Ципрас им го даде на варварите светото грчко име Македонија, им го призна македонскиот јазик и националната припадност Македонец сосе македонско државјанство, а нашите големи патриоти велат дека со грчкиот договор не само што се променува уставното име, туку и се погазува сè што е македонско. Двете страни, и во Македонија и во Грција, кои се впрегнати во партиски битки за власт, различно го читаат и различно го толкуваат Договорот од Преспа.
Еве како тоа изгледа преку една приказна за Насредин-оџа, парафразирана преку Итар Пејо, во кој се беше преправил говорникот од Мечкин Камен, кој има уверение дека е претседател на државата. Велат, кога со лекарски документ докажуваш дека си нормален, а не со своите постапки, тогаш нешто не во ред со вашето здравје.
Еве како оди приказната за Насредин-оџа, или за Итар Пејо одберете вие. Еден ден пред да замине за Крушево и да го одржи својот историски говор кај претседателот стасала една жена која го замолила нашиот учен и мудар професор да ѝ прочита едно писмо. Се разбира, Пејо веднаш се дал на читање. Па вели: Почитувана госпоѓо, еве по долго време решив да ви се јавам и да ве прашам како сте со здравјето и како се сите ваши домашни… Аман претседателе, спискала жената, ова не е писмо, туку договорот со Грција. Па што не кажеш бре жено дека е договор, да го читам како договор. Ти ми рече писмо и јас читам како писмо.
Еве сега ќе ти прочитам што пишува во грчкиот договор: Лага е дека се менува само името на државата. Напротив, се менува и македонскиот државен институционален идентитет. Се погазува 74-годишното извојувано право на самоопределување и државност на македонскиот народ. Се брише државноправниот капацитет на идеалот на македонскиот народ да има своја држава. Се брише и 27-годишната историја на независната македонска држава. Лага е дека овој грчки договор гарантира членство во ЕУ и во НАТО. Без вистински реформи и без борба против криминалот и корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и во НАТО. И да се прифати грчкиот договор и да се промени македонскиот устав, членството во ЕУ и во НАТО не следува по автоматизам. Со прифаќање на ваквиот договор ние ја сечеме гранката на која седиме. Ние сме потчинети на Грција. Се деградираат стекнатите права во ОН. Со овој договор Грција стекнува право да се меша во општото добро на нашата Република. Самите себе да се уништиме, да станеме ничија земја. Се зборува за владеење на правото, а се врши правно насилство. Насилството нема со што да се покрие освен со лага, рекол славниот Солженицин…
Аууу, викнала жената и брзо трипати се прекрстила. Што кажувате, скраја да е, претседателе, сето ова го пишува во договорот, баш вака како што ми го читате.
Ги прашале да потврдат и Солженицин и Конески и тие да кажат дека е готово со Македонија. Аман бре претседателе, што ќе правиме да не сте вие. Велите, во договорот пишува дека нè лажат за ЕУ и за НАТО.
…Не бре женска главо, вели Итар Пејо, јас не читам што пишува, туку читам што не пишува, а тоа што не го пишува ќе биде, тоа ќе се случи многу бргу. Јас не читам редови и членови од грчки договор, јас читам меѓу редови, без да читам знам што сè пишува, ме разбираш ли што сакам да ти кажам, драга госпоѓо…
Разбирам, разбирам како не разбирам веднаш ќе ѝ јавам во Солун на Параскева да не бидат загрижени оти велат дека нивните предавници ни ги продале името Македонија, јазикот и писмото, верата и нацијата. Сè сме купиле бадијала. Ќе им кажам дека вие, нашиот драг и ценет претседател, го прочитал договорот поинаку отколку што е напишан, сте откриле дека договорот е данајски дар и оти ние сме под контрола на Грците, па така да си бидат без гајле. Гајлето е на наша страна, не треба ич да се грижат што ние ќе влеземе во ЕУ и во НАТО со името Македонија и со македонски јазик и со македонско државјанство и како Македонци по националност. Сето тоа било голема лага. Нè лажеле и нас и нив, Европејците од Брисел. Ова ќе ѝ го кажам на Параскева да се смират и таа и нејзините оти беа многу загрижени. Да не бевте вие, драг и мудар претседателе, да го прочитате грчкиот договор како треба и да ја разбистрите матната вода, комшиите ќе останеа многу уплашени. Сега ќе им олесни кога ќе дознаат дека договорот е грчки. Добро е вака да се објаснуваат работите за нас кои не знаеме да читаме, оти ако самите прочитаме, или не дај боже да ни разјаснат душманите, што пишува таму, готово е со нас, ќе нè згазат, како што убаво и јасно прикажувате.
А и овој Солженицин ви е многу добар пријател, со кого заедно откривте дека во Македонија се врши правно насилство врз невини луѓе, кое се покрива со лага. Ги судат со месеци оние сироти невини луѓе што ве донесоа на власт без клинетелизам, оти и онака ќе ве избереа граѓаните, бидејќи бевте многу ценет, познат и признаен. Затоа и никако не можат да ги осудат оние невини жртви оти немаат за што да ги обвинат.
Браво претседателе, да не бевте вие немаше да дознаеме што пишува таму и што не пишува. Вака сега знаеме дека и комшиите нема за што да се секираат, и ние нема зошто да бидеме загрижени. Ќе си го поништиме договорот и ќе ги ослободиме луѓето, кои вие и Солженицин откривте дека се жртви на прогонот од ненароден режим. Сè ќе си дојде на свое место, како што и си беше. И натаму ќе си живееме среќно и весело како порано. Само ќе треба да се врати Груевски и да изгласаме еден амандман во Уставот да имате право на уште два манадата. Е, тогаш ќе нè примат секаде во која сакаме соседна држава. Има да бидеме, ако сакаме во Бугарија, ако сакаме во Србија, може слободно и во Албанија, може со Косово, може и во Грција. И тоа не со размена само на луѓе, туку и на луѓе сосе територии. Ете така сите ќе влеземе и во ЕУ и во НАТО. Алал да ви е претседателе. Лека ви ноќ. Спијте мирно. Вие го можете тоа.