Претепаното бебе со оштетувања на мозокот и очниот нерв, но во добра здравствена состојба


Здравствената состојба на претепаното 14-месечно бебе е добра и не е во животна опасност. Почнавме да го храниме по малку, меѓутоа има фрактури на потколеници и на подлактица од лево кои не се витално, односно животозагрижувачки, но има поголеми оштетувања на мозокот на кои што сме фокусирани. Дијагностицирано е и оштетување на очниот нерв.

Ова денеска за МИА го изјави доктор Марјан Камилоски од Клиниката за детска хирургија, каде бебето е сместено на Одделот за интензивна нега.

– Сега општата состојба е добра. Има некои испади, тикови, стари и нови крварења на мозокот, некои жаришта. Се прави проценка на тоа, ќе треба да се прави операција, но за тоа ќе треба време за да се санира. Колегите од Очната клиника дијагностицираа оштетување на очниот нерв. Сега си прима терапија за тоа, но понатаму да видиме како ќе реагира. Ќе треба време, посочи Камилоски.

Појасни дека детето веројатно било тепано и малтретирано многу поодамна пред да биде донесено во Клиничкиот центар.

– На Клиниката имаме нова добро опремена интензивна нега, каде што има најдобри услови во целата Република. Колегите од Неврохирургија реновираат и тоа дете не е за таму. Тука има тим на реаниматори, има тим што се грижи околу него и на ниво на нашата држава најсоодветна нега може да се пружи само на Детска хирургија, додаде доктор Камилоски.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Ирина Сотирова Бухова  рече дека во врска со случајот со претепаното бебе постапиле во рамки на нивните надлежности односно извршиле вонреден инспекциски надзор кај матичниот лекар на претепаното 14-месечно бебе и во вакциналниот пункт во Здравствениот дом „Јане Сандански“.

Посочи дека констатирале дека детето пет пати било носено на преглед кај матичен лекар изминатите неколку месеци од кои последниот пат на 4 април, а претходно во февруари. Сите посети, истакна, се во однос на горно респираторна инфекција, дадена е потребна терапија и детето не е однесено на контролен преглед.

– Извршен е инспекциски надзор во вакциналниот пункт во Здравствениот дом „Јане Сандански“ каде е лоцирана и матичната докторка на детето. Од евиденцијата во здравствениот пункт констатирано е дека дете со такви генералии не се наоѓа во нивната архива, односно не е воопшто вакцинирано, потенцира Сотирова Бухова.

Во врска со тоа дали детето е однесено на лекар со симптом од паѓање или модрици по телото и по главата, појасни дека таков податок во здравствениот картон не е евидентиран.

– Нашите ингеренции се толку. Доколку овој извештај им е потребен на некои од другите институции кои веќе го водат процесот ќе им бидат доставени на увид, додаде Сотирова Бухова.

Бебето неговата мајка на 7 јули во однела во Клиничкиот центар во Скопје во коматозна состојба со скршеници на черепот и крварење во мозокот, дехидрирано и неухрането.