Пресудата за 27 април ја диктира кампањата


Петочната пресуда во скопскиот Кривичен суд за насилствата од 27 април, со кој на обвинетите за насилствата во Собранието им беа изречени казни од вкупно 211 години затвор, го донесе првиот дуел меѓу претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова. По двонеделното „пријателско одмерување на силите“, фаворитите на власта и на опозицијата си разменија директни пораки, додека големите партии што стојат зад нив го искористија моментот за дополнителни реплики и контрареплики.
„Првпат слушнавме првостепена пресуда за насилниците кои на 27 април сакаа да го спречат мирниот трансфер на власта. Меѓутоа, за жал, кандидатот на опозицијата за претседател не смогна сили да го осуди тој чин. Со луѓе што немаат доблест да осудат чин на насилство, Македонија не може да биде демократска држава и не може да оди напред. Како претседател, имам намера без отстапка за време на целиот мандат да ги штитам граѓаните и жестоко да се борам против секој обид за лимитирање на нивните права и слободи“, рече вчера Пендаровски потенцирајќи оти неговата противкандидатка не е чесна.
Истото го мисли и врвот на „Бихаќска“, па дополнуваат оти Силјановска-Давкова е само продолжена рака на груевизмот на кој му се поклонила и го промовирала.
„Силјановска не осудува насилство, напротив, застана во одбрана на насилниците од 27 април, исто како што тоа го сторија Мицкоски и Груевски. Таа воопшто не се срами што е поддржана од политичка структура, чиј врв е главен осомничен за насилниот упад во Собранието кога се случија обиди за убиства и обид за државен удар и погазување на уставниот поредок. Додека лажно се претставува како натпартиски кандидат, таа длабоко е заглавена во матрицата на груевизмот и ги промовира погубните политики на ВМРО-ДПМНЕ за одбрана на криминалот и насилството“, нагласуваат од СДСМ.
Силјановска, пак, се обиде да биде „кул“, па се пофали дека со чаша вино ужива во рок-музика и размислува да отвори и профил на Твитер, повикувајќи го Пендаровски на дуел и на социјалните мрежи, кога веќе одбегнувал да се соочи со неа на телевизиските екрани.

Сепак, почувствува потреба да се дообјасни во првичната изјава по пресудата дека власта е таа што го оправдала крвавиот четврток преку амнестирање на „портирите на злото“, алудирајќи пред сè на тројцата пратеници што ги отворија вратите од парламентот, а потоа добија слобода за да гласаат за договорот со Грција. Силјановска вели дека нејзина искрена намера била да придонесе за фер избори со тоа што ќе има коректен однос кон противкандидите, па дури и ги премолчела почетните навреди за изгледот, но оти мора да врати што Пендаровски ѝ става зборови во уста што не ги изговорила.
„Прво, тоа што Пендаровски ги присвои мојот слоган ‘за право и правда’ го сметам за мој позитивен придонес во освестувањето на власта, која го изгуби компасот уште многу одамна.
Второ, како натпартиски кандидат, јас сум погрешна адреса за барање (правна!?) одговорност или извинување за настаните од 27 април. Подготвена сум во ТВ-дуел да ги соочам аргументите за кршењето на процедуралните правила за правично судење со Пендаровски, но и да потсетам дека токму оваа власт го амнестираше Крсто Мукоски од директната одговорност за последиците од насилството во Собранието, а со цел да обезбеди промена на Уставот. Прашувам: дали планираат да ѝ се извинат на македонската јавност за уривањето на правната држава и за флагрантното кршење на човековите права, и на национално и на индивидуално ниво? Или, и натаму ќе го ‘позајмувате’ слоганот со кој ги обединувам македонските граѓани, ќе мантрате за ‘правна држава’, додека ги кршите сите национални и меѓународни норми за фер и правично судење?“, праша Силјановска.
За ВМРО-ДПМНЕ петочната пресуда е политички монтиран процес против сите неистомисленици на Зоран Заев и, според изреченото во одлуката, нема ниту еден аргумент и доказ за делото за кое се товарат осудените лица.
Силјановска и Пендаровски не се согласуваат ниту околу Преспанскиот договор, како и за Законот за јазиците и тука ги вкрстуваа копјата пред почетокот на кампањата, која официјално започнува на први април. Претходно, кандидатот на власта се пожали дека е следен од странски служби, премиерот му порача оти само бил фотографиран за да се види каков автомобил вози, а Силјановска праша каква е безбедноста за другите граѓани кога Пендаровски не е сигурен?
Забележливо беше и дека професорката по уставно право сè повеќе реагира на дневна основа и остро му возвраќа на премиерот. Впрочем, речиси секојдневно испраќа пораки за неговиот стил на владеење кое го нарекува „заевизам“.
Експертите по маркетинг-комуникации сметаат дека за тимот што ќе работи за Пендаровски ќе биде пред огромен комуникациски предизвик да стокмат визуелен и комуникациски пакет, кој ќе се однесува на сите граѓани по старосна и образовна структура, но и да поработат на истакнување на умерена дрскост која е потребна да ја има кандидатот за претседател бидејќи неговите ставови се јасни и идентични како и пред пет години, кога првпат учествуваше во претседателската трка.
Од друга страна, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се соочува со сериозни комуникациски предизвици, пред сè поради фактот дека со својата активност, Силјановска е повеќе класичен теоретичар, добар оратор, но оти нема многу од десничарската реторика, острината во говорот, а дрскоста е базирана на професионалното, кое е неоспорно. Таа се обидува да ги придобие и гласачите што се разочарани од власта, како и членовите на „Шарената револуција“, додека во белата палата целат со националистичка реторика да ги распалат страстите кај нивните симпатизери и другите гласачи.

Горан Адамовски