Пресек на сработеното во културата: Адеми вети поголем влог за следната година


Министерот за култура Асаф Адеми направи пресек на сработеното за годинава, но и најави многубројни проекти кои се во план да се реализираат следната година со предлог-буџет од 3,1 милијарди денари. Буџетот на самото Министерство е 215,5 милиони денари, а буџетот за финансирање на дејностите од областа на културата изнесува 2,9 милијарди денари.
Како што најави Адеми, наскоро ќе бидат објавени и резултатите од годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес за наредната година.
Рече дека ќе се поддржуваат квалитетни и разновидни проекти од сите дејности од областа на културата, дисперзија на културата во локалните средини, заштита и промоцијата на културното наследство, меѓународната промоција на културата, капиталните проекти и инвестициски вложувања и друго. Како особено значајно повторно го истакна порамнувањето на платите на културните работници во институциите, кое ќе финишира во март.
– Главен приоритет и понатаму останува новиот закон за јавен интерес во културата, со чие усвојување во Собранието на Република Македонија, и по усвојувањето на новиот Закон за јавна администрација, ќе се создадат услови за потпишување на новиот Колективен договор во културата. Со склучувањето на новиот Колективен договор за културата, во иднина ќе се решат негативните состојби со платите и ќе се регулираат сите досега отворени прашања во врска со работниот однос на вработените во културата – рече Адеми.
Во план се и реконструкции на објектите на Центрите за култура во Гостивар и Кочани (втора фаза), како и театрите во Куманово и Прилеп. Се предвидува реконструкција и пуштање во употреба на Албанскиот театар, изградба на театарот и библиотеката во Тетово, со што ќе заврши првата фаза, изградбата на Стариот театар во Струмица и реконструкција на други објекти од областа на културата.
– Продолжуваме со силната поддршка на уметниците преку објавување на конкурсите за: самостојните уметници, младите таленти и дефицитарни кадри, конкурсот „Млади Европејци“, „Нов културен бран“, а секако се планираат и други нови конкурси преку кои ќе ја зајакнеме поддршката за уметниците во нашата земја – рече Адеми.
Тој најави дека следната година Македонија ќе биде домаќин на две големи меѓународни конференции: јубилејната петта по ред Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која ќе се одржи во првата половина на годината и Форумот за културна соработка на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина на министерско ниво, кој ќе се случува во месец ноември 2019 година.

Во однос на ревизијата на реализираните проекти, Адеми рече дека е упатено и барање до Државниот завод за ревизија, но и до внатрешната ревизија да направат анализа на активностите при различни дејности за тековнава 2018 година.
– На пример, имаме едно барање од еден издавач за ревизија на издавачка дејност, па очекувам во многу скоро време внатрешниот ревизор да изготви извештај и тоа да го процесираме. Внатрешниот ревизор има конкретен годишен план за работа, а согласно тоа ги презема и своите активности – рече Адеми.

На новинарско прашање за тоа на колку проекти може да учествува еден артист или уметник во рамките на еден конкурс, Адеми одговори дека може на два, но во различни дејности.

Тој информираше дека оваа година беа поддржани повеќе од 2 000 проекти, кои беа дел од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата и од конкурсите „Млади Европејци“ и „Нов културен бран“.
Адеми информираше дека во текот на 2018 година беа формирани две нови национални установи „Гостиварски театар“, институција чија прва премиера се очекува следната година, и „Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Македонија“ – Скопје, кој неодамна го реализираше и својот прв концерт.

Министерот Адеми јавно го објави својот телефонски број и ги повика граѓаните да му испраќаат пораки со забелешки и идеи за подобро реализирање на проектите од културата. Речиси еден месец подоцна, Адеми вели дека добива по многу пораки, кои тој лично ги чита, но повеќето од нив се барања за средби.

– Добивам многу пораки на дневно ниво, но повеќето луѓе бараат средби, кои не ги одбивам. Но сакам да апелирам дека е многу подобро да испраќаат забелешки, сугестии, за да може да ги земам предвид при работењето – прокоментира Адеми.

Ивана Настеска