Влатко Стефановски пред концертот во Охрид: Пеам за сите, не само за ВИП


-Во најгустото лето со настапи Охрид ми доаѓа како магија, како енергија која не можам докрај да ја одгонетнам, како кулминација на моите музички трагања. Охрид ме потсеќа на детството, на моментите кога учев да пливам, а подоцна на терасите од неговите хотели ги пишував едно од најубавите мои песни, вели гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски пред најавениот концерт на 1 август во Античкиот театар, во 22 часот, во организација на „Баги комуникации“.

По огромниот успех и продадените три концерти во Македонската Филхармонија во март годинава, најновиот проект на Стефановски, албумот „Мајчин Јазик“ ќе го слушне и охридската и публиката од регионот. Во Охрид ќе настапи со гостите Биља Крстиќ од Србија, Теодоси Спасов од Бугарија, Танос Ставридис од Грција, оперската певица Весна Гиновска Илкова и групата „Љубојна“ од Македонија.

-Ова ми е четврта средба со Охрид. Сум настапувал тука со „Леб и сол“, со Мирослав Тадиќ, со светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ. Во наплив на турбофолк и сѐ и и сешто во нашиот охридски бисер, баш околу празникот Илинден, инсистирав да го имам концертот. Се надевам на стабилно време, под ѕвездено небо. Во Охрид имав четири тонски проби на дожд и четири на суво време, ни изјави денес Влатко во краткиот разговор пред прес-конференцијата во Скопје.

Како специјална гостинка на концертот во Античкиот театар е најавена првата жена премиер на Словенија Аленка Братушек, (во периодот од март 2013 до септември 2014) која сега е пратеник.

-На моите концерти пеам за сите. За сите кои ја сакаат мојата музика. Сакам сите да ги привлечам. И ВИП личности и обичен народ. Сите се тие мои фанови. Со многу мои пријатели сум настапувал во Словенија, и тие со мене во Македонија, вели Стефановски.

По 40 години кариера, 34 албуми, и вревата што ја направија на регионалните топ-листи, „Мајчин јазик“ е првиот акустичен албум на Влатко, во издание на „Кроација рекордс“. (Л.С.)

Фото: Драги Перковски