Премиера на претставата „Баал“ по текст на Брехт во Охридски театар


Претставата „Баал“ работена според дело на Бертолд Брехт, е новитетот во понудата на Охридскиот народен театар, што на 5 декември ќе ја има својата премиерна изведба.

Станува збор за поставка на режисерот Андреј Цветановски, во изведба на актерите Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Јасмина Билаловиќ, Адријана Билаловиќ – Тодороска, Дамјан Цветановски, Стрезо Стаматовски, Биљана Билаловиќ – Вељаноска, Павел Маслов, Филип Кипровски и Тони Денковски.

Оваа поставка на Охридскиот театар говори за борбата на поединецот со маските на општеството, за битката против лицемерието и лажните морални вредности. Според режисерот Цветаноски истовремено таа го претставува дуелот на индивидуата со самиот себе си, со неговиот внатрешен глас, презентирајќи ги како што вели, разговорите што поединецот ги води со својата совест пет минути пред спиење.

„Конфликтот на најголемиот антијунак со својот човек во себе, судирот меѓу нагонот и рациото на отфрлениот во општеството“, вели тој.

Сценографијата на претставата е дело на Сергеј Светозарев, костимографијата ја потпишува Милена Пантелеева, музички композитор е Димитар Андоновски, а дизајнот на светлото е на Милчо Александров.

Претпремиера на претставата е закажана за в понеделник 4 декември од 20, а премиератата е во вторник со почеток од истиот термин. Билетите за двете претстави се веќе во продажба, по цена од 200 денари за претпремиера и 300 денари за премиерната изведба.