Преку Лигата на нации до бараж за ЕП 2020
Прво место во групата во Лигата на нации е целта што е поставена пред фудбалската репрезентација на Македонија за 2018 година. Таквата позиција, според замислениот формат, носи место во бараж за Европското првенство во 2020 што ќе претставува и најголем успех за националниот тим од формирањето. Ждрепката за новото натпреварување на УЕФА е закажана на 24 јануари и на неа ќе гостува и селекторот Игор Ангеловски кој за „Независен“ говори почетоците на функцијата, за циклусот за СП 2018, за подобрување на рејтингот по стрмоглавиот пад на ФИФА ранг листата, за кадарот што го има на располагање, за амбициите во иднина.
„Зад нас е одлична година на игри и резултати, една од најдобрите во македонскиот репрезентативен фудбал. Пет победи, три реми и само еден пораз од Шпанија покажуваат дека завршивме голема работа што ме прави да бидам горд на играчите. Тие се показател дека нештата одат во позитивна насока и донесоа скок од 90 места на ранг листата на ФИФА. Во новата година влегуваме со единствена цел – да бидеме први во групата во Лигата на нации што ќе значи и бараж за Европското првенство во 2020 година“, коментира Ангеловски.
Македонија во 2017 година одигра девет натпревари. Петпати победи (Лихтенштајн – 3:0 и 1:0 Израел 1:0, Белорусија 3:0, Норвешка 2:0), трипати ремизира (Турција 0:0, Албанија 1:1, Италија 1:1) и само еден пораз (Шпанија 1:2). „Црвено-жолтите“ го забележаа и најголемиот пад на рејтингот во годината што изминаа. Во март допреа до 166 место, а во декември влегуваат од 76. што е напредок за 90 позиции.
Свежата крв во тимот донесе резултати за краток период
Игор Ангеловски не отстапи од замислата за драстично подмладување на репрезентацијата. Во една прилика порача дека не стравува од тоа, па макар паднале на последното место на ФИФА листата, но истовремено нагласи оти силно верува дека процесот на смена на генерации ќе донесе резултати што и се случува. Со надеж, секако, дека ќе продолжи и во иднина.
„Уште при преземањето на работата реков дека планирам да внесам свежа крв во тимот. Тоа и се случи. Спојот на младост и на искуство даде резултати. Среќен сум што дојдоа за така краток период“, коментира предводникот на националниот тим.
Ангеловски важи за тренер кој умее со млади фудбалери. Доказ за тоа се резултатите што ги оствари со Работнички чија клупска стратегија беше повеќе да произведува, промовира и продава одошто да купува. Принципите на работа ги преслика и во националниот тим и како негов кормилар им посака добредојде на добар дел од златната генерација во У21 селекција на кои беа автори на најголемиот успех во македонскиот репрезентативен фудбал со пласманот на ЕП 2017 под водство на Благоја Милевски. Ангеловски го презеде материјалот, одлично го вклопи во целината, направи мозаик кој профункционира на добро ниво. Неговото реноме, карактер, умеење и фудбалски сенс да подготви, мотивира и насочи на тренинзите и од клупата и Пандев како продолжена рака на теренот е рецептот што носеше и, се надеваме, ќе носи успех и во наредните предизвици.
Репрезентацијата со Пандев и во наредниот циклус
А, кога сме кај Пандев, Ангеловски потврди дека капитенот останува во националниот тим и за Лига Европа. Со тоа ги демантира шпекулациите од изминатиот период дека циклусот за СП 2018 ќе биде последен за капитенот во државниот дрес и по негово завршување ќе се посвети само на клупската кариера.
„Пандев останува со нас. За тоа немаше и нема дилеми. Неспорно е дека Македонија ќе атакува на бодови и победи и во квалификациите за Европското првенство во 2020 година. Игра во Италија, игра во врвна форма и од големо значење е за репрезентацијата како на терен така и надвор од него“, потенцира Ангеловски.
Секој бод или победа ме прават горд
Ангеловски се осврна и на разликите како тренер во клуб и како селектор на репрезнетација. Чест му е, вели, што доби доверба да го води националниот тим, верува дека не разочарал во досегашниот мандат и верува дека така ќе продолжи до 2020 година кога му истекува договорот со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
„Работа со клуб и работа со репрезентација се две доста различни сфери во фудбалот. Со екипа се работи секој ден, со репрезентација се селекторува секој ден, а потоа имате два-три дена за подготовки. Нема поубаво чувство од водење на национален тим. Му претставува голема чест и истовремено обврска што сум на позицијата. Секој бод или победа ме прават горд“, истакнува кормиларот на „црвено-жолтите“.
Ангеловски дебитира на националната клупа во ноември во 2015 година. Македонија под негово водство досега одигра 19 натпревари во кои забележа седум победи, три реми и девет порази со гол разлика 28:24. Седумте триумфи или 36,84 отсто од добиените средби, процентуално, го прават најуспешен селектор засега. Над 30 отсто победи (35,71 %) како селектори имаат и Ѓоко Хаџиевски (10 победи во 28 меча) и Чедомир Јаневски (пет победи во 14 меча) и Среќко Катанец (33,33 % или девет победи во 27 меча).
Враќањето на Адеми е голем плус, се очекува и Агим Ибраими
Тој дава јасно до знаење дека и во иднина ќе смета на сите моментни фудбалски репрезентативци, но и на секој играч што е со репрезентативен калибар. За враќањето на Аријан Адеми вели дека е голем плус за Македонија, во наредниот период го очекува и Агим Ибраими од Домжале да се врати на патеките на кои беше пред паузата по Астана и недоразбирањата што ги имаше со Златко Захович во Марибор.
„Враќањето на Аријан Адеми е, исто така, голем плус за репрезентацијата на Македонија. Ме радува што повторно го имаме на располагање како што ме радува што паузата го направи посилен и покрај се низ што мина. Во наредниот период го очекуваме и Агим Ибраими по непријатните епизоди што ги имаше во Астана и во Марибор. Задоволство ми е што се враќа во дресот на Домжале. И тој, секако, ќе конкурира за место во тимот за предизвиците што нѝ претстојат“, дециден е Ангеловски.
Македонија ја очекува период од десет месеци за подготовки. До почетокот на настапите во Лигата на нации во септември во 2018 година, селекторот посакува три-четири силни контроли за кои, засега, нема ривали за УЕФА термините за пријателски натпревари во март, во мај и во јуни.
Сашко Ѓ. Димовски