Презентиран третиот мониторинг извештај за реформи во судството


Третиот мониторинг извештај „Реформи во судството – од Прибе 1 до Прибе 2 и потоа“, а се однесува на првиот квартал од оваа година, денеска беше презентитан во Скопје од Институтот за човекови права, Македонското здружение на млади правници и Институтот за европска политика во рамки на проектот „Заедничка акција за итни реформи во судството“ поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија.

Извештајот е базиран на документите што ги утврдуваат Итните реформски приоритети (ИРП) и е изработен следејќи ја методологијата со мониторинг матрицата, изготвена во рамки на овој проект.

Извршниот директор на Институтот за човекови права Мирослав Драганов на денешната прес-конференција се осврна на работењето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.

За работењето на Академијата за судии и јавни обвинители говореше Ива Цоневска – проектен соработник во Институтот за европска политика, додека пак Ангела Шумкоска – проектен соработник во Македонското здружение на млади правници се осврна на прашањето на „старите предмети“ во судството и извршувањето на одлуките на ЕСЧП во Македонија.

На прес-конференцијата беше посочено дека во Македонија е потребно обезбедување професионализам на Судскиот совет во практика, а не само во теорија, односно обезбедување јасен и предвидлив тест за примена на критериумот „истакнат правник“.

Во извештајот е укажано и на потребата од проактивна улога на Судскиот совет и на највисоките судови во заштитата на независноста и во заштитата од влијанија, како преку подобрена комуникациска стратегија, така и преку одлучувачки акции за реагирање на влијанија или притисок.

Неопходна е и деполитизација на изборот и унапредувањето на судиите и јавните обвинители во практиката, а не само во теоријата, врз основа на транспарентни, објективни критериуми засновани на заслуги.

Во таа насока, потребна е примена на хармонизиран систем на учинок, заснован на квантитативни, но и на квалитативни стандарди, како основа за кариерен напредок во судството и во јавното обвинителство.

На презентацијата беше посочено да се отстранат елементите од системот за дисциплинска одговорност и за разрешување на судиите кои во моментов ја поткопуваат судската независност, и во теорија и во практика, и да се унапреди квалитетот на обуката, буџетот и автономијата на Академијата за судии и јавни обвинители и да се поттикне испраќањето на национални судии на стаж во ЕСЧП.

Сите судски пресуди, како што беше констатирано на презентацијата, треба да се објавуваат во јасни рокови и определени со закон и да се обезбедат целосни можности за пребарување и олеснет пристап. Во контекст на тоа беше посочено дека е потребно да се изработи досие за вкупната должина на судските постапки, со специјален фокус врз „стари предмети“.

Од голема важност е да се обезбеди брзо извршување на сите пресуди на Европскиот суд за човекови права против државата, особено преку воведување практични и ефективни мерки за секоја категорија на случаи.

За подготовката на Третиот мониторинг извештај „Реформи во судството – јануари-март 2018 год.“ била спроведена и анкета со слушателите на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители, учесниците на континуирана обука и предавачите.