Пред избор на нов гувернер: Резервираност во ВМРО-ДПМНЕ за Ангеловска-Бежоска


Со предлогот на претседателот Ѓорге Иванов, Анита Ангеловска-Бежоска да биде нов гувернер, се очекува  да биде дополнет дневниот ред на денешната собраниска седница, која почнува истиот ден кога на досегашниот челник на НБРМ, Димитар Богов, му истекува седумгодишниот мандатот.

Со оглед на тоа што новиот предлог на Иванов, откако Богов ја откажа втората номинација за гувернер, е прифатлив за СДСМ, а веројатно и за ДУИ, се очекува Ангеловска-Бежоска да биде избрана уште денес. Сепак, мали се шансите таа да стане гувернер со исто толку голем корпус гласови како кога беше избрана за вицегувернер. Тогаш за неа гласаше и СДСМ, како опозициска партија, и Бежоска доби дури 97 гласа во парламентот. Овој пат во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, според информациите, владее резервираност околу новиот предлог на Иванов, не толку поради професионалниот бекграунд на Бежоска, колку поради постапката за нејзино номинирање за гувернер.

Поранешниот координатор на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, вели дека ќе гласа против изборот на Бежоска, независно од тоа каков став ќе заземе неговата пратеничка група во однос на предлогот на Иванов.

„Немам некои посебни забелешки за Бежоска, за која гласав кога Богов ја предложи за вицегувернер. Сепак, имам забелешки за процедурата според која беше подготвен овој предлог за прв човек на НБРМ. Во овој случај извршната власт се наметна над законодавната, со тоа што не беше оставен простор Собранието да се изјасни за првиот предлог ан претседателот – односно за Богов. Доколку тој не беше избран, тогаш Иванов требаше да достави нов предлог“, објаснува Димовски.

Тој посочува дека мандатот на гувернерот трае седум години и ги надминува мандатите и на претседателот на државата и на парламентот, како институции преку кои оди изборот на челник на НБРМ. Поради тоа, како што вели, треба многу да се внимава кој ќе биде предложен и како ќе биде избран на клучната функција во монетарната власт.

Според информациите, не е исклучено и други опозициски пратеници да гласаат „воздржано“ или „против“ вториот предлог на Иванов за гувернер, без разлика на тоа каков ќе биде официјалниот став на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

За избор на гувернер на НБРМ се потребни минимум 61 глас. (А.М.М.)