Пред Врховен и премиерите молат


Фросина Факова – Серафиновиќ

Во петок поранешниот премиер Никола Груевски во судница дозна дека Апелацискиот суд ја потврди двегодишната затворска казна за незаконската набавка на блиндираниот „мерцедес“. Еден петок не му стигна никаков абер од судот за случајот „Тенк“, а веќе следниот петок среде уставната драма во Собранието стигна веста дека одлуката за затворската казна од Апелација стигнала до Кривичен суд. По точно една седмица, исто така во петок, додека чекаше да почне судењето за случајот „Траекторија“, го прими упатниот акт во кој пишува дека најдоцна до 8 ноември треба да се спакува и да се јави во затворот во Шутка, каде што се издржува притвор и каде што се упатуваат лица осудени на затворска казна до три години.

Груевски речиси еден месец е правосилно осудено лице, но процедурите за него траат долго, секој лист што го добива од судот и секое препраќање од еден суд во друг суд е вест за медиумите. Но, ништо не е готово сè додека Груевски не стапне во затворот во Шутка, со оглед на тоа дека има судии кои и по промената на власта испраќаат апел дека не сакаат да го носат срамот на некои свои колеги кои не ја заслужуваат функцијата. Правните лавиринти сега се префрлаат во Врховниот суд на чие чело е старо-новиот претседател, Јово Вангеловски. Засега Вангеловски не коментира ништо бидејќи секој случај е различен сам по себе, но практиката покажува дека Вангеловски е „махер“ правно да ги образложи одлуките на судот за кои речиси цела јавност се сомнева дека зад нив стои некаква политичка игра. Неговата совест е чиста и за бегството на ексразузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, но и за бегството на бизнисменот Сеад Кочан. Врховниот суд е институцијата преку која од затвор се спаси поранешниот премиер Владо Бучковски бидејќи му дозволи одложување на казната сè додека не се произнесат по поднесеното барање за вонредно преиспитување, за по две години да одлучат да ги укинат првостепената и второстепената пресуда.

Можно е Груевски да стане првиот поранешен премиер во Македонија кој ќе заврши во затвор за злоупотреби за кои е обвинет додека бил премиер, бидејќи Бучковски се сомничеше за злоупотреби кои ги направил додека бил министер за одбрана. Тој во случајот „Тенк“ е осуден за примање награда за противзаконито влијание, дело за кое е предвидена најниска затворска казна во однос на другите дела за кои го гони Специјалното јавно обвинителство.

Но, што и да се случи, Груевски најверојатно уште долго со новинарите ќе се гледа и во новата и во старата зграда на Кривичниот суд. Откако го прими упатниот акт, тој ги избегна новинарите и по рочиштето за „Траекторија“ излезе од службениот влез од зградата на Кривичниот суд. Изјавите и пораките до јавноста сепак сега ги дава од пред судовите, од каде што вели дека власта го гони политички и дека сега во Македонија „нормалното е ненормално, а нормалното е ненормално“. Повеќе од десет години беше на власт и исто толку време одговараше на нарачани новинарски прашања, но сега не може да ги одбегне вистинските прашања што се упатуваат до него. Сепак е претпазлив во своите одговори и не толку вешто, велејќи: „Одговорив веќе на тоа прашање“, ги одбегнува вистинските одговори.
Петокот е „црн“ за Груевски, но „црн“ е и за ВМРО-ДПМНЕ каде што е почесен претседател. Токму во петок во Собрание беше изгласана потребата за отворање на Уставот, прв чекор за имплементација на договорот од Преспа. Груевски, тогаш, пред гласањето, заедно со повеќето сопартијци застана покрај ѕидот на собраниската сала. Тоа беше чин на осуда и жигосување на пратениците од нивната партија, бидејќи ги предале. Лидерот Христијан Мицкоски ги исклучи пратениците, Сашо Мијалков, братучедот на Груевски со кого заедно владееја, но не и почесниот претседател на партијата. На чија страна остана Груевски не кажа, но помирувањето и амнестијата за политичарите останаа главни теми. Меѓутоа, тие не важат и за граѓаните.