Предновогодишен концерт во Филхармонија: Драга, надвор студи


И додека надвор студи, Здружение на џез музичари и слободни уметници, ЗЏМ Скопје, ве поканува на предновогодишен џез концерт под наслов Baby it’s cold outside, кој ќе се одржи на утре (12 декември) во Големата сала на Македонската Филхармонија, во 20 часот.

Концертот ќе биде составен од два дела. Првиот дел на концертот го носи насловот Charlie Parker with strings и претставува едно уникатно доживување кое се остварува преку соработка на ритам секцијата на ЗЏМ Биг Бендот и гудачката секција на Македонската филхармонија и солистот на алто саксофон, Кирил Кузманов, при што оваа програма ќе биде изведена премиерно на концерт наменет за пошироката публика. Всушност станува збор за изведба на компилациски албум на еден од најпознатите џез саксофонисти и композитори на сите времиња, Чарли Паркер, кој е прогласен за најпродаван и е награден со Греми награда во 1988 година.

Вториот дел на концертот е концертен настап на ЗЏМ Биг Бенд Оркестарот на кој ќе настапат и вокалните солисти Џон Илија Апелгрен и Марија Димитријевиќ, при што ќе бидат изведени дела од најголемите имиња од областа на џез музиката.

Билетите по цена од 500 и 600 денари се во продажба на билетарницата на Македонска филхармонија и MK Tickets.