Превентивно повлечена храната за доeнчиња Целија Експерт 2 на „Лакталис“
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) доби известување од компанијата увозник на производите од француски „Лакталис” дека од македонскиот пазар превентивно е повлечен производот храна за доeнчиња – Целија Експерт 2, со сериски број 17Ц0012838.
– Наведената серија на повлечениот производ е здравствено и микробиолошки исправна, согласно законските регулативи на земјата производител и земјата увозник, стои во известувањето до АХВ.
Со направените испитувања потврдена е микробиолошката исправност на сите серии од производот Целија пласирани на пазарот во Македонија. Повлекувањето на производот е исклучиво поради претпазливост и со цел намалување на паниката и заштита на потрошувачите по издаденото известување од Министерството за здравство на Франција, Агенцијата за заштита на потрошувачите надлежно за францускиот пазар и препораките на компанијата “Лакталис”.
АХВ вчера инфомрира дека на македонскиот пазар не се пласирани небезбедни количини млеко „Лакталис“, додека „Лакталис“ соопшти дека на глобално ниво ги повлекува производите поради салмонела.