Првпат во Македонија: Проф. д-р Николиќ од „Аџибадем Систина“ вгради вештачко срце кај пациент


Проф. д-р Александар Николиќ, кардиохирург во клиничката болница „Аџибадем Систина“ му вгради целосно вештачко срце на пациент, 46-годишен маж од Штип, кој страдал од исклучителна срцева слабост. Операцијата која траела пет ипол часа завршила во средата рано наутро, и комплетно ја извел тим од „Аџибадем Систина“ на чело со проф. Николиќ. Пациентот се чивствува добро и денес ги направил првите чекори во болничка соба.

Тоа е прва таква интервенција што досега воопшто е изведена во земјава, со што Македонија се вброи меѓу 25-те земји во светот каде се изведува оваа најкомплексна интервенција во кардиохирургијата.

– Вградувањето целосно вештачко срце беше единственото решение за пациентот, кој поради изразена форма на срцева инсуфиенција, функционираше со само 15 отсто од капацитетот на срцето. Со новото срце, тој доби нова шанса за живот и нови шест години за наоѓање соодветен трансплантант. При интервенцијата, беше отстрането неговото срце и го заменивме со целосно вештачко срце. Оваа интервенција е прва, но овде нема да застанеме. Практично формиравме Одделение за срцева инсуфиенција, какво што имаат сите модерни кардиохирургии во светот и планираме да продолжиме – рече проф. Николиќ.

Д-р Јана Марин, директорка на болницата, нагласи дека во светски рамки, вкупно се изведени 1.800 вакви операции.

-Ова е историски ден за клиничката болница „Аџибадем Систина“, голем ден за македонската кардиохирургија и голем ден за македонското здравство. Ние како институција, а верувам и целата држава сме горди што овде имаме тим кој може да вгради вештачко срце кај пациент. Нашиот кардиохируршки тим помина стручна едукација во Германија, кај експертите од компанијата „Синкардија“, која е светски лидер во производството на механички срца. Преку оваа едукација, тимот кардиохирурзи стана единствен сертифициран тим за изведување на овој тим интервенции во Македонија – рече д-р Марин.

Трошоците за овој пациент ги подмирил Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Според д-р Николиќ, ако од 3-5 отсто од населението во светот страда од срцева инсуфиенција, тоа значи дека околу 60.000 Македонци страдаат од болеста. По околу 30 од нив месечно, кои се во терминална фаза, имаат потреба од ваква интервенција.

Механичкото срце е со иста големина како и природното. Се напојува со батерија која, откако ќе излезе од болница, пациентот ќе ја носи во специјален ранец на грб, со тежина од шест килограми. Вградувањето механичко срце е тренд во светската кардиохирургија, поради фактот дека тешко се наоѓа срце од донор.

Вакви интервенции се изведуваат во држави како што се САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија. Оваа операција за вградување вештачко срце е втора во регионов, по онаа која минатата година беше изведена на Институтот “Дедиње“ во Белград, исто така од проф. д-р Николиќ.

(С.С.З.)