Прво транк-шоу на модната сцена: Тања Кокев со венчаници по мерка


Во просториите на Кокев, во ГТЦ, в сабота, од 12 до 19 часот, дизајнерката Тања Кокев ќе ја промовира новата колекција на венчаници за 2018 година. Новата колекција ќе биде презентирана пред клиентите преку транк-шоу, каде што девојките ќе можат да ги видат и пробаат фустаните, како и да се консултираат за креирање на венчаница по мерка со дизајнерката и тимот.

Новата колекција венчаници го содржи препознатливиот печат на дизајнерката – женствена силуета и романтичен изглед. Венчаниците имаат рачно везени цветови и тантела, слоеви врз слоеви француски тул, светкави детали, карнери и плисе. Фустаните имаат интересни текстури кои  дизајнерката ги има постигнато со слоевито поставување различни типови материјали. Три манекенки ги носат новите венчаници: Горјана Кулисевска, Ивона Стојановиќ и Ивана Ѓоргиевска.

Кокев веќе 11 години е препознатлива по свечените тоалети и венчаници. Прва е меѓу македонските креатори која лансираше парфем со дизајнерски потпис, со актерката Јелена Јованова како заштитно лице. Промовираше ремени и чевли, со потпис на брендот, како и чанти и џемпери, луксузна секојдневна облека, а од неодамна и машка облека. За ревиите на Тања  секогаш се бара покана повеќе. Нејзиниот салон во центарот на Скопје дише со отменост, како и дамите што ѝ се клиенти. Префинета и тенка како манекенка, Кокев со својата енергичност и визија продолжува да ја раскажува македонската модна приказна. (Л.С.)

 

Кокев на црвениот килим

Дизајнерката е активна и во соработката со нашите познати уметници на црвениот килим. Ги дизајнираше тоалетите на актерката Наташа Петровиќ за Берлинале кога ја доби наградата „Ѕвезда во подем“, за актерката Јелена Јованова за премиерата на филмот „Во земјата на крв и мед“ на Анџелина Џоли во Њујорк, костумот на Дејан Лилиќ за премиерата на рускиот филм „Невера“ на фестивалот во Венеција, повеќе црвени килими на фестивалот Манаки во Битола, костумот на актерот Никола Ристановски во рекламата за Комерцијална банка…