Прва рок-енциклопедија во Македонија: Домашната рок-музика запишана во историјата


На приближно 500 страници на кои се испишани приказните од 333 македонски музички состави, првпат во Македонија излегува од печат „Македонска рок-енциклопедија (1963-2018)“.

Во издание на „Корпус деликти рекордс“, рок-енциклопедијата е во тираж од 1.000 примероци, а вечерва ќе биде промовирана пред платото на Младинскиот културен центар. На промоцијата сите рок-вљубеници ќе може да ја купат по цена од 2.300 денари.
„Виновникот“ за ова значајно дело за македонската музичка сцена е Тошо Филиповски кој иницијалната идеја ја имал уште пред 20 години.

„Сонот го финализирам денес. Во неа ќе пронајдете биографии на 333 бенда, сосема случаен број добиен од едноставна математичка поделба на претпоставените 1.000 единици – бендови, соло-изведувачи и луѓе од сцената – што треба да бидат опфатени со трите планирани тома на ‘Македонската рок-енциклопедија’. Бројот од околу 500 страници по книга сам се наметна, без особена контрола врз процесот на пишувањето. Така се случи и да бидат спомнати повеќе од 2.500 луѓе, во најголем дел музичари, но и да бидат објавени околу 400 фотографии и обработени повеќе од 1.000 дискографски единици“, пишува Филиповски во предговорот на првиот том на рок-енциклопедијата.

Кога почнал да ја составува листата на бендовите што треба да се најдат во книгата, Филиповски поставил неколку лабави критериуми, кои подоцна се дополнувале, па дошол до една солидна бројка на опфатени музичари.

„Фактот дека само еден том (околу 500 страници) од енциклопедијата е недоволен за да го прикаже целиот габарит на македонската рок-сцена од нејзините почетоци во (симболично) земјотресната 1963 година до денешен ден, морално ме обврза во блиска иднина да приредам уште минимум два тома со приближно ист број страници“, вели Филиповски.

Во оваа енциклопедија Филиповски ги бележел информациите за бендовите како хронолошки приказ на снимки, изданија и концерти.

„Некаде овој пристап е следен подоследно, а некаде не, но не поради мојата пристрасност или намера да дискриминирам, туку поради фактот дека некои бендови погрижливо воделе сметка за својата кариера и го бележеле секој значаен момент, а некои воопшто не внимавале на вакви детали. Секако, и медиумите сами по себе влијаеле врз формирањето на нечиј култ низ своите записи, па за некои бендови може да се најде сосема солиден фонд на информации врз основа на кои може лесно да се оформи биографија, а за некои едноставно не постои никаков натпис“, вели Филиповски.

Ивана Настеска