Првачињата највозбудени на првиот час


За околу двесте и седумдесет илјади ученици започна учебната година. Од нив 20.302 се првачиња, а близу осумнаесет илјади се запишани првпат во средно училиште. Лани, велат од Министерството за образование и наука, запишани биле 21.250 првачиња, што споредено со годинава е помалку за 948. Оттаму објаснуваат дека бројката не е конечна бидејќи во некои училишта уште се запишуваа првачиња, ама и средношколци, а исто така недостигаат податоците за запишани ученици од последните две недели бидејќи некои општини не ги доставиле. Намален е бројот на првачиња во Струга, Центар Жупа, Велес.

Проблемот со сè помалку дечиња во двете основни училишта „Благој Кирков“ и „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ги натера надлежните во Велес да ги спојат во едно ново ООУ „Панко Брашнаров“. Бројот на ученици во изминатите десет години во двете училишта е намален дури за 306 ученици. Зголемен е бројот на ученици во Струмица за 12, но во населените места Сачево, Габрово, Мемешли и Орманли нема запишано ниту еден ученик во прво одделение, а по еден ученик има запишано во Водоча и Попчево. Повеќе првачиња има Куманово, а во Скопје бројот е речиси ист како минатите години. Во осумте основни училишта во Општина Аеродром запишани се 800 првачиња и таму училниците се секогаш преполни со дечиња. Градоначалникот Златко Марин вели дека досега се запишале 815 првачиња.„Наставата во 8. основни училишта почна во најдобар ред. Бројот на запишани првачиња е приближно ист како лани, кога имаше запишано 800. До 15 септември трае аплицирањето за парична помош што ја доделува Општина Аеродром за секое запишано прваче, а е во висина од 3.500 денари. Во сите обезбеден е инвентар, сменет е подот во две училишта, а наредниот период ќе се менува покривот во ОУ ‘Лазо Ангеловски’, проектот е направен, а средствата се одобрени од Министерството за образование и наука. Во завршна фаза е целосното реновирањето на ОУ ‘Димитар Македонски’“, рече Марин.

Лана, Никола и Лена се пресреќни дека ќе учат во исто одделение. Освен што живеат во иста зграда, се дружат и надвор. Лана и Лена беа и во иста група додека одеа во градинка.

 Првачињата Лана, Никола и Лена

 

„Едвај чекав да дојде септември, да тргнам на училиште. Ветувам дека ќе имам многу петки. Она што ме прави среќна е дека овде запознав и нови другарчиња“, рече Лана по првиот училишен час.

„Среќен сум дека ќе учам со моите две другари“, нагласи Никола.

„Сакам што побрзо да научам да читам“, додаде Лена.

„Новата средина и училиштето мислев дека ќе претставуваат проблем за Максим, но тој одлично се вклопи“, истакна Лидија, мајката на Максим.

Директорот на ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, Александар Филипчев, вели дека годинава има повеќе првачиња од лани, и тоа за десет.

„Бројот на ученици во училиштето од година во година е сè поголем, училиштето е комплетно реновирано. Годинава имаме запишано 122 првачиња, а мината година имавме 112 првачиња“, подвлече Филипчев. Наставниците велат дека освен што се возбудени децата и родителите, возбуда има и кај нив. Марија Биковска 25 години работи како наставник, таа вели дека добро би било да има до 25 ученици во одделение бидејќи така ќе се подигне квалитетот на наставата.

Додека едни се радуваат на почетокот на учебната година, други се револтирани. Родители на деца што учат во ООУ „Гоце Делчев“ се бунат поради тоа што на првиот училиштен ден биле информирани децата од вторник да не ги носат на настава оти уште не била завршена реконструкцијата на училиштето.

„Што да правиме со децата? Да ги оставиме пред училиште? Цела година се прави доградба на училиштето и реконструкција на постојното“, вели родител на детенце.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, бара разбирање од родителите и дечињата и ветува дека за два дена ќе биде надминат проблемот.

„Се правеше целосна реконструкција на училиштето, и внатре и надвор, поради оправдани причини не е стигнато да се заврши. Одењето на настава ќе биде одложено за два-три дена, а часовите ќе бидат одработени. Целата работа е дека сакаме да ги подобриме условите во училиштата“, рече Богдановиќ.

Премиерот и министерот за образование порачаа дека на учениците ќе им обезбедат европско образование, тие беа со првачиња во ООУ „Ацо Шопов“ во Скопје, им посакаат на децата да бидат успешни ученици.

„Работиме напорно да обезбедиме за најмладите ученици и идните генерации европска Македонија и европско образование“, рече Адеми.

Учебната година почна, ама дел од проблемите и натаму се таложат, пред сè во финансискиот дел. Долговите со неплатени сметки ќе се решат, смирува премиерот Зоран Заев, кој рече дека со ребалансот на буџетот планираат да ги враќаат долговите.

„Најголем дел од тие долгови се кон училиштата, детските градинки и другите образовни институции. Верувам дека со ребалансот во октомври сите овие средства ќе бидат лоцирани за трајно да се реши проблемот, а дотогаш јас како премиер заедно со градоначалниците сме вклучени да ги намируваме долговите кои се накалемени на самите училишта“, рече Заев.

И оваа учебна година учениците ќе учат по старите Кембриџ програми иако беа најавени нови наставни програми за првите три одделенија како пилот-проект во десетина училишта. Најавено беше и дека во паралелка ќе има од 20 до 30 ученици, дека ќе има намалување на бројот на часови за учениците од прво до трето, дека ќе се поедностави пополнувањето на електронскиот дневник. Меѓутоа, Законот за основно образование не стигна во Собрание, а министерот за образование и наука рече дека подготвуваат втора верзија. Иста судбина има и Законот за средно образование.

Во три средни стручни училишта почнат е проектот за дуално образование, учениците од прво до трето одделение ќе добијат целосно нови учебници, а за останатите основци ќе се печатат 22 коригирани учебници, по математика, природни науки, физика, хемија, билогија. Два коригирани учебника ќе има и во средно образование. Од Министерство апелираа за трпение поради доцнењето на учебниците. Сметаат дека тоа нема да го наруши процесот на наставата, зашто старите учебници се поделени на учениците и тие ќе послужат до дистрибуцијата на новите. Иако во текот на летниот распуст локалната и централната власт реконструираа многу од училиштата, остануваат проблемите како немање тоалети, библиотеки. Учебна година почне со повисоки плати за наставниците за 5 отсто. Од СОНК посочија дека се задоволни од покачувањето, ама очекуваат наредниот период платите уште да растат.

Вероника Мароска-Леова 

Борис Грданоски-фоторепортер