Првата дама ја зголемува улогата: Меланија ќе му помогне на Трамп да победи во 2020 година


САД – Меланија Трамп дојде „вооружена“ со говор за сигурен аплауз кога излезе да се обрати пред главно женска публика која се собра за да го прослават успехот на други жени.

Првата дама посочи на рекордниот број жени што служат во Конгресот. Таа рече дека невработеноста на жените достигнала најниско ниво во последниве 65 години, иако оттогаш само незначително е намален тој број. Таа, исто така, истакна дека повеќе од 2 милиони жени кои се вработиле од ноември 2016 година, кога нејзиниот сопруг беше избран за претседател.

„Ова е нешто што треба да се прослави“, изјави Меланија Трамп на настанот во Стејт департментот, каде што голем дел од нејзиниот говор можеше лесно да се вклопи во типичен говор на една изборна кампања.

Но, додека претседателот Доналд Трамп ја покажува својата желба за следната битка за реизбор во 2020 година, желбата на првата дама да се приклучи на овие напори е сè уште нејасна, анализира „Асошиејтед прес“. Таа и речиси ја избегна кампањата во 2016 година наведувајќи ја својата желба да биде дома поради малиот син на брачната двојка, Барон, кој сега има 12 години. И портпаролката Стефани Гришам предвиде дека најверојатно и овој пат Меланија Трамп ќе сака да биде дома поради нејзиниот син, без оглед на неговата возраст.

Луѓето во политичката орбита на Трамп се скептични дека една од најповлечените први дами од јавноста во модерната историја би сакала да преземе поголема јавна улога во обидот на нејзиниот сопруг да освои уште еден четиригодишен претседателски мандат.

Дури и ако г-ѓа Трамп се држи до својата официјална улога, сепак, има многу што може да стори за да му помогне на сопругот да оствари политичка врска со жените, гласачко тело со кое Трамп е во особено ранлива позиција.

Покрај појавувањето во Стејт департментот, г-ѓа Трамп покажала сè поголема леснотија во извршувањето на својата улога во изминатава седмица бидејќи, исто така, направи турнеја низ три американски држави за промовирање на трите столба на нејзината детска иницијатива „Биди најдобар“ и го придружувала својот сопруг во Алабама за да ја истражи штетата предизвикана од неодамнешното торнадо.
Во Оклахома таа разговарала со втородделенците за оптовареноста со домашни задачи и ги гледала постарите ученици во текот на нивниот час по наука како ја мерат густината на различни обоени течности. Во државата Вашингтон, таа гледаше како директори на „Мајкрософт“ демонстрираат нови карактеристики кои ќе помогнат во заштитата на децата додека користат интернет. Во Лас Вегас таа строго им се обрати на медиумите поттикнувајќи ги да трошат толку време на епидемијата со опијати како што им се посветуваат на непотребно озборување или тривијални приказни.

Додека беше во зоната каде што најмногу удри неодамнешното торнадо, првата дама, позната по високите потпетици, носеше патики додека играше улога на емпатична поддршка на сопругот. Таа учествуваше на брифингот, му се придружи на претседателот додека ги поздравуваше спасувачите, се запозна со жртвите заедно со претседателот и потпишуваше автограми.

Неодамнешните први дами презедоа улоги во кампањите за реизбор на своите сопрузи. Мишел Обама, Лора Буш, Хилари Клинтон и Барбара Буш водеа кампања посебно од нивните сопрузи за време на реизборот за претседател.

Кетрин Џелисон, професор по историја на Универзитетот во Охајо, која ги проучува првите дами, рече дека тие можат да им помогнат на своите мажи политички да стасаат до женската публика и да се појавуваат на помали места од местата каде што претседателот ја води својата кампања.

„Обично, претседателот и првата дама се семејни ѕвезди“, рече Џелисон додавајќи дека е тешко да се пронајде помистериозна прва дама во поновата историја од госпоѓата Трамп.

Трамп и натаму страда од лошиот рејтинг кај жените, што може да се покаже како предизвик додека се соочува со основното поле на Демократската партија со историски број жени кандидати кои ќе се борат против него во 2020 година. Во последната анкета на „Галуп“, Трамп имаше одобрување од 36 отсто од жените, процент што се одржа во текот на целото негово претседателствување.

Сепак, анкетите во голема мера покажуваат дека жените републиканки најверојатно ќе го поддржат – како што ја поддржуваат и првата дама. Нејзиниот повик кон другата женска демографија останува отворено прашање.
Во анкетата спроведена во ноември 2018 година од Универзитетот Кинипиак, околу две третини од републиканците, односно 65 отсто, изјавиле дека имаат позитивно мислење од г-ѓа Трамп, додека само 3 отсто имале негативно мислење за неа. Но само 35 отсто од вкупните регистрирани гласачи рекоа дека имаат поволно мислење за неа, а 20 отсто рекле дека имаат негативно.Истата анкета покажа дека 63 отсто од регистрираните гласачи рекле дека имаат позитивно мислење за Мишел Обама, а 24 отсто рекле дека имаат негативно мислење. Но, тоа можеби барем делумно се должи на фактот што г-ѓа Трамп имала многу помалку јавни појавувања од нејзината претходничка.

Меланија Трамп ја ограничи својата улога во кампањата во 2016 година, на само мал број настапи и интервјуа. Нејзиниот најнезаборавен момент беше за време на Републичката национална конвенција во Кливленд, кога нејзиниот главен говор беше брзо засенет од обвиненијата дека украла пасуси од говорот на Мишел Обама. Подоцна, еден од луѓето што ги пишуваат нејзините говори ја презеде одговорноста и се извини.
Додека нејзиниот сопруг ја водеше претседателската кампања, г-ѓа Трамп сакаше нивниот син, кој имаше 9 години кога неговиот татко стана кандидат, да има барем еден родител дома во „Трамп Тауер“ во Њујорк. Барон полни 13 години овој месец, а и ќе наполни 14 години додека напорите за реизбор дојдат до полн замав.

Четириесет и осумгодишната Меланија Трамп останува еден од најблиските советници на нејзиниот сопруг. Таа, исто така, е независна и заштитнички настроена кон нејзиниот сопруг и внимателно ги избира моментите кога дејствува политички. Минатата есен таа на едно телевизиско интервју рекла дека му кажала на претседателот за некои од вработените на кои не можат да им веруваат и дека некои од нив не работеле веќе за него. Таа, исто така, влијаеше на разрешувањето на заменик-советникот за национална безбедност, Мајра Рикардел, по несогласувањето околу употребата на средствата за еднонеделното патување на првата дама во Африка минатиот октомври.