Пратеничка иницијатива: Клиничкиот центар да се пресели во Петровец


Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски ќе покрене иницијатива до Владата Клиничкиот центар да се дислоцира во општина Петровец, кај Скопје.

Оваа иницијатива тој ја покренува по најавите дека новиот Клинички центар нема да се гради на претходно предвидената локација, така што како единствена алтернатива сега се спомнува Бардовци.

Според Димовски, Петровец е соодветна локација за Клинички центар затоа што околу оваа општина гравитираат неколку други општини: Кавадарци, Неготино, Росоман, Градско, Чашка, Велес, Лозово, Свети Николе, Карбинци, Штип, Куманово, Старо Нагоричане, Липково, Арачиново, Илинден, Зелениково и градот Скопје. Вкупниот број на жители, вели,  кои гравитираат на ова подрачје е околу 970 илјади 0 или близу половина од вкупниот број на жители на Македонија.

„Општина Петровец е на инфраструктурно најдобрата позиција во Македонија. Тука е раскрсница за четири автопатски правци:  кон Велес и Гевгелија (јужно);  новиот автопат кон Штип, кој ќе продолжи со експресни патни правци кон Кочани и Радовиш (источно);  кон Куманово (север);  кон Скопје, обиколница и кон Тетово, Гостивар (запад).

Во Општина Петровец, како што посочува, се наоѓа и аеродром кој секогаш се користи и ќе се користи за превоз на пациенти кон регионалните и светски центри за лекување. Исто така, тука има големи парцели на државно земјиште што ќе ја ослободи Владата од планираните трошоци за експропријација на приватно земјиште во Бардовци, општина Карпош.

„Предлог иницијативата ќе биде понудена на поддршка на пратениците од сите политички партии со надеж дека ќе биде прифатена како надпартиска и со исклучителна намера да се донесат правилни одлуки во интерес на граѓаните на Македонија. Предлог иницијативата ќе биде доставена до Владата и Министерството за здравство, со надеж дека ќе биде разгледана и прифатена, без разлика на тоа дека како иницијатива започнува по предлог на пратеник на опозицијата во Собранието на Македонија. Се надевам на поддршка, совети и коментари од стручни лица кои ќе можат да ја збогатат оваа иницијатива“, вели Димовски.