Пратениците на СП овозможија кворум на денешната седница


Пратениците на Социјалистичката партија Владанка Авировиќ и Љупчо Димовски на денешната 45. собраниска седница не им се придружија на колегите од ВМРО-ДПМНЕ кои на почетокот ја напуштија седница зашто владејачкото мнозинство немаше обезбедено кворум.

Авировиќ и Димовски останаа во пленарната сала со што овозможија да се постигне потребниот кворум од 61 пратеник за почеток на седницата.

Социјалистичката партија повеќе години беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците на оваа партија на почетокот на месецов не ја потпишаа и иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за гласање недоверба на Владата во Собранието. Авировиќ тогаш образложи дека нема никакви промени во политичкото дејствување на СП, а интерпелацијата на Владата не ја потпишале бидејќи биле спречени.

Од СП засега нема коментар дали останување на нивните пратеници на денешната седница значи промена на партиската политика.