По 570 илјади евра за режисерите Дарјан Пејовски и Изер Алиу за снимање филмови


Режисерите Дарјан Пејовски и Изер АЛиу добија по 35 милиони денари или по речиси 570 илјади евра за снимање долгометражни играни филмови со мнозински македонски удел.

Во вториот рок на одлучување од конкурсот за финансирање на филмови што го распиша Агенцијата за филм во јануари годинава поддржани се 14 филмски проекти во различни категории.
Со оваа поддршка, Пејовски ќе го снима филмот „Мими“ во продукција на „Скопје филм студио“, а Изер Алиу ќе го снима „Наследство“ во продукција на „КТ филм и медиа“.
За режисерот Пејовски ова е втор долгометражен филм по „Три дена во септември“ од 2015 година. Во неговата кариера има снимено неколку кратки филмови меѓу кои „409“ и „Опера“, кој беше дел од „Скопје ремикс“, а во изминативе години режираше и епизоди од домашните телевизиски серии „Фамилијата Марковски“, „Инсајдер“ и „Преспав“.
Алиу е роден во Македонија, но е израснат во Шведска и државјанин на Норвешка. Има снимано филмови на разни места во светот, но базата отсекогаш му била во Осло. Со неговиот дипломски филм „Чуварот на планината“ се најде на листата на топ 10 најперспективни нордиски режисери. Беше номиниран за „Студентски оскар“ и има освоено неколку престижни национални и меѓународни награди. По дипломирањето, започна со снимањето на неговиот прв игран филм „Ловец на муви“ во Македонија, и краткометражниот „Добриот живот – таму“, сместен во урбаната средина на Осло. Неговиот најнов филм „12 подвизи“ е шведско-норвешка копродукција. Алиу годинава беше и член на жири-комисијата на „Сине Балкан“ во рамките на фестивалот за европски филм „Синедејс“.
Околу 292 илјади евра или 18 милиони денари од Агенцијата за филм поддршка доби и Елеонора Венинова за дебитантски долгометражен филм со мнозински македонски удел.
Во категорија со малцински македонски удел поддршка за долгометражни филмови добија Калтрина Красниќи (48 илјади евра) и Горан Паскалевиќ (70 илјади евра).
За долгометражен документарец со мнозински македонски удел и поддршка од 13 илјади евра доби филмот „Татковина – споменик на слобода“ на Елена Чемерска.
Петра Селишкар, пак, за документарниот филм „Тело“ со малцински удел доби 18 илјади евра.
За краткометражен филм со мнозински удел од 32 илјади евра доби Александар Зиков. За кратки дебитантски филмови поддршка од по 13 илјади вера добија и Радован Петровиќ, Бурим Билали, Самир Љума и Лидија Мојсовска, а поддршка од 14 илјади евра во истава категорија добија Зоран Стојковски и Тони Коцев.