По четири дена, МВР призна дека џипот бил злоупотребен


Директорот на Бирото за јавна безбедност Лазо Велковски по четири дена призна дека го злоупотребил полицискиот џип и дека неговиот телохранител ја однел ќерка му да летува во Грција.
По внатрешната истрага што ја спроведе, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски утврдил дека не била запазена процедурата за службено патување и, и покрај налогот, не било потпишано решение за службено патување. Поради ова, Спасовски до Владата ќе поднесе предлог за разрешување на директорот Велковски.
Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди утврдил дека џипот бил пратен во Грција со налог кој го потпишал самиот Велковски. Сепак, во својот исказ тој се правдал дека службеното возило го ангажирал поради крајна нужност, односно бидејќи подолго време му се заканувале и нему и на неговото семејство.
На 2 август, на државниот празник Илинден, кога џипот бил во Грција, Велковски бил работно ангажиран за прославата. Поради инцидентите што се случија на прославата на Мечкин Камен, кога група навивачи извикуваа националистички пораки и фрлаа со предмети кон владината делегација и амбасадорите кои беа на прославата, Велковски проценил дека не е безбедно неговата ќерка да патува сама. За да биде безбедна, тој ангажирал еден од неговите телохранители да ја однесе во Грција.
Ќерката на Велковски, Елена Велковска, на својот фејсбук-профил на 1 август имаше објавено слика на плажа покрај море, но вчера нејзиниот профил беше деактивиран. Фотографијата со полицискиот џип сликан на грчка патарина и пред грчкиот камп Евридики беше објавена во саботата, а Министерството за внатрешни работи тогаш единствено потврди дека џипот е во сопственост на Министерството за внатрешни работи. Тогаш тврдеа дека возилото изминатиот викенд било во кругот на МВР и дека ќе се истражува дали било во Грција претходните денови. Во неделата доцна вечерта објавија дека џипот го управувал полициски службеник од Шестата управа, но не кажаа што барал џипот во Грција и кој потпишал налог.
Директорот Велковски сите овие денови не демантираше дека џипот бил злоупотребен за приватни цели, но сепак никој од Министерството не излезе во јавноста да каже што барало возилото во Грција и да го објасни скандалот.
Oпозицијата го нарече Министерството, МВР турс и повторно побара одговорност.
„Вакво расипништво е недозволиво. Оливер Спасовски мора да си поднесе оставка за прикривање и злоупотреби, а Владата уште на следната седница да го разреши тур-операторот кој во моментов врши должност директор на БЈБ, Лазе Велковски“, побараа од ВМРО-ДПМНЕ.
Тактизирањето со информациите за аферата го разбуди гневот во јавноста и претходната приказна беше оценета како половична. Според адвокатот Александар Тортевски, МВР ја потцени интелигенцијата на просечниот граѓанин со начинот на кој известуваше.
„Информацијата на Министерството за внатрешни работи беше половична, ја потценуваа интелигенцијата на просечниот граѓанин со начинот на кој известуваа. Ако на возачот му дал некој патен налог за да однесе ќерка му до Грција, тоа е уште поголема злоупотреба. Во принцип, предизвикува гнев тоа што високи функционери си дозволуваат да злоупотребуваат ситни работи, паѓаат на ситни работи“, вели Тортевски.
Според него, секое премолчување и недавање одговори е на штета на рејтингот на Министерството. „Тие се на власт, тие одлучуваат. Секое одолговлекување и недавање информација на јавноста се одразува на нивниот рејтинг. Сето ова го отсликува менталниот склоп на нашите функционери. Јас сум за поинакви решенија, јас сакам тој полицаец да има 4.000 евра плата“, вели Тортевски.
Критики за Влековски упати и неговиот поранешен колега, кој беше шеф на внатрешната контрола на полицијата.
„Во една колумна пишував за стручните капацитети на актуелниот директор на Бирото за јавна безбедност, за тоа дека во периодот кога првпат ја извршуваше истата функција буквално не испорача ништо по што би го паметеле, напротив, го паметиме по неможноста да ги разбере основните три столба на процесот на реформи во полицијата. Сега одиме чекор натаму, службен џип, со гориво на државна сметка, без патен налог во Евридики, многу сомнително и дали џипот воопшто бил управуван од полициски службеник, бидејќи ако беше така, колку и да е срамота немањето службен повод, во интерес на транспарентноста во која се колнат владините функционери ќе го покажеа на јавноста“, вели Воислав Зафировски.
Сега Владата ќе го разгледа предлогот на министерот Спасовски и ќе одлучи дали ќе го прифати или не.
Фросина Факова – Серафиновиќ