По цел ден натегање, Законот за јазици повторно одложен


Продолжението на 32.собраниска седница, на која требаше денеска прво да се расправа за Законот за употреба на јазиците во трето читање, е одложено на неодредено време, по цел ден натегање меѓу пратеничките групи околу тоа како ќе оди процедурата за над 35 илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Собранието и официјално соопштија пред малку дека нема да се одржат продолженијата на 32. и на 11. седница која беше исто така закажана за денеска. Продолженијата на овие седници ќе бидат дополнително закажани, но во соопштението не се наведува кога би можело да биде тоа.

Седницата за Законот за јазици требаше да почне точно на пладне, но по целодневни натегања, координации меѓу партеничките групи, чакања, наводно, и премиерот Зоран Заев да се појави во парламентот, откако ќе заврши владината седница, околу 17 часот дојде информацијата за одложување на седницата.

Законот за употреба на јазиците беше донесен на 11 јануари, така што, според Законот за Собрание, расправата за него, по ветото од претседателот Ѓорге Иванов, требаше да почне на 11 февруари. Во меѓувреме, спикерот талат Џафери најави можност да биде прескокната расправата за амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, на што од опозициската партија реагираа дека тоа би значело укинување на парламентот. Од СДСМ, пак, сметаат дека треба да има амандманска расправа, согласно Деловникот, ама само за амандманите кои се основани.