По управни и надзорни одбори се членува и со средно образование


Двајца директори и најмалку 14 членови на надзорни одбори на јавни претпријатија во земјава се со средно образование, што е спротивно на законските критериуми, покажува базата на податоци за членовите на управувачките структури на државните институции што ја изработи Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје, пренесува Призма.

Станува збор, пред сѐ, за јавни претпријатија од мали градови или од рурални општини. Директорите, според податоците во базата, се во Пехчево и во Василево, а членови на надзорни одбори може да се најдат во Маврово, Македонска Каменица, Свети Николе, Илинден, Неготино, Берово, но со средно образование е и еден член на надзорниот одбор на спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

„Образованието е јасен формален критериум за именување утврден во законската рамка. Исполнувањето на критериумот лесно се утврдува со преглед на дипломи, а различната интерпретација е прилично тешка. Оттука, постоењето на вакви случаи фрла сенка на процесот на именување и го доведува во прашање базичниот интегритет на процесот“, велат од ИДСЦС.

Од анализата на биографиите се покажува дека 5% од управувачките структури се со средно образование. Тоа што загрижува е дека за директори и членови на надзорни одбори се појавуваат личности со средно образование што е во спротивност со законските критериуми, каде високото образование е задолжително. Така, 2% од директорите и 7% од членовите на надзорните одбори се со средно образование.