По свадбата, Шарлин Спитери со концерт во Скопје: Свесна сум дека „Тексас“ е легендарен бенд


По осум години пауза, шкотскиот бенд „Тексас“ се враќа на голема врата на светската музичка сцена, а во рамките на последната нивна турнеја доаѓаат во Скопје. Концертот, кој е во организација на „Авалон продукција“, ќе се одржи на 28 септември во спортската сала „Кале“, а како локална поддршка ќе настапи групата „Ареа“. Во пресрет на правата средба меѓу „Тексас“ и македонската публика, вокалистката Шарлин Спитери (50) најави незаборавно концертно шоу.

– Ќе биде навистина убаво во Скопје и долго ќе се зборува за концертот – вели таа.
Концертот на „Тексас“ првично требаше да се одржи во текот на летото, но поради повреда на Спитери настапот се одложи за септември. Овој месец се чини е навистина полн со обврски за неа како на професионален, така и на приватен план. По десет години романтична врска со нејзиниот партнер, познатиот готвач Брин Вилијамс, тие одлучија на 8 септември годинава да направат и свадбена веселба во Велс.


Спитери е среќна што по толку долга пауза, повторно се враќаат на сцената со нов музички материјал кој го реализираат минатата година.
– Беше тешко да се вратиш на сцена по осум години пауза, но мислам дека албумите „The Conversation“ (2013), „Texas 25“ (2015), „Jump on Board“ (2017) имаа голем успех кај публиката која не нè заборави. Тие осум години за мене беа навистина тежок период во мојот живот, но не би сакала да зборувам за тоа – вели Спитери.
Таа е мајка на шеснаесетгодишно девојче и зборува дека навистина е голема вештина да можеш да бидеш во исто време мајка и прв човек на еден бенд. Низ смеа вели дека е тешко да се оди на турнеја кога си стар.
– Оваа година, а и претходната, бевме навистина целосно ангажирани. Секој ден нешто се случува, некаде се патува, многу настапувавме, фестивали низ Европа. Имавме неколку преднастапи, свиревме и во пабови, гостувавме во разни телевизиски шоуа, и ова звучи навистина добро за вас, но за нас е навистина напорно. Инаку, секогаш се обидувам на настапите да ги мешам старите и новите песни, но не за да ја натераме публиката да ги научи новите песни, туку да раскажеме една целосна приказна. Најмногу во целата ситуација ми пречи што не можам да бидам со ќерка ми секој ден, посебно во годините кога најмногу ѝ требам. Купив интернационална роаминг-картичка, се слушаме секој ден, но навистина ми недостига да ги поминувам деновите со неа. Таа доаѓа на турнеја кога може, преку летото, но со училишните обврски навистина е комплицирано постојано да ме следи – вели Шарлин.
Свесна е, вели таа, дека новите генерации не ја познаваат доволно нивната музика, а тоа го забележува и кај својата ќерка, која повеќе сакала да слуша актуелни поп-пејачи.
– Свесна сум дека „Тексас“ е легендарен бенд, но тоа младите луѓе не го разбираат. На пример, мојата ќерка, таа ужива во новата музика на комерцијалните поп-пејачи. Факт е дека постои и ќе постои разлика во музичките стилови, во тоа што слушала претходната, а што новата генерација. Ние како бенд се обидуваме да им се допаднеме на сите, а јас искрено не ја почитувам многу новата електронска музика – вели таа.


Пред големата пауза на „Тексас“ во 2009 година, членовите имаа и непријатна ситуација кога нивниот гитарист Алај Мекерлејн колабираше на сцената, а како последица на тоа беше девет недели во кома. Добрата вест е што тој целосно закрепна во текот на годините и ќе дојде на концертот во Скопје.
– Тоа беше критичен период за бендот и една од причините да направиме долга пауза. Алај, пред сè ми е другар, а потоа колега. Среќата беше на негова страна. Докторите велат дека навистина е големо чудо да преживееш таков мозочен удар. Се радувам што сега е одличен – додава таа.
Нејзиниот партнер Вилијам минатата година ја запроси, а таа се пошегува на социјалните мрежи во врска со тоа.
– По само десет години, тој ме побара за жена. Му требаше навистина долго време. Не знам што го натера на тој чекор – напиша тогаш Спитери.
Нивната свадбена церемонија се одржуваше во Велс. Спитери носеше фустан од модната дизајнерка Стела Мекартни, а нејзиниот партнер класичен црн костум.
По концертот во Скопје, нивната турнеја продолжува низ регионов, во Белград, Загреб и во Софија.

Ивана Настеска