По самоубиствата на Бордејн и Спејд: Алармантна состојба во американскиот шоу-бизнис


По самоубиствата на познатата креаторка Кејт Спејд и ТВ-готвачот Ентони Бордејн, повиците на линиите за превенција на самоубиства во САД значително зачестија.

– Порастот на бројот на јавувања е очигледен. Ги контактираме нашите доброволци за да обезбедиме повеќе луѓе да одговараат на повиците – изјави Лорен Фостер, директор на локалната непрофитна организација „Хоуп лајн“ (линија на надежта), со седиште во Северна Каролина.
Американската Национална линија за превенција од самоубиства, пак, соопшти дека бројот на примени повици деновиве е зголемен за 25 отсто.
Фостер вели дека таа појава на т.н. „самоубиствена зараза“ е вообичаена кога некој познат лик од шоу-бизнисот ќе посегне по својот живот.
– Луѓето кои имаат самоубиствени нагони гледаат како популарни, богати и навидум среќни луѓе извршуваат самоубиство, тоа ги прави да се чувствуваат побезнадежно. Си велат – „ако тие посегнале по својот живот, што мене би ме спречило? – истакнува Фостер.
Од друга страна, самоубиствата на Спејд и Бордејн поттикнаа голем број познати личности, како и граѓани на социјалните мрежи, да ги споделат своите лични искуства со депресијата и обидите за самоубиство. Зачестија повиците до граѓаните кои се чувствуваат депресивно или безнадежно да побараат помош.

Статистиката вели дека по самоубиството на комичарот Робин Вилијамс во 2014 година, бројот самоубиства кај Американците се зголеми за 10 отсто во наредните пет месеци. Смртта на Мерилин Монро предизвика пораст од 12 отсто низ целата земја во месецот потоа.
Познатиот готвач Ентони Бордејн го искористил каишот од бањарката за да се обеси во бањата на хотелот во кој престојувал во Франција. Официјалниот извештај од француското обвинителство открива дека на телото на Бордејн нема траги на насилство ниту, пак, има знаци дека некој влегувал во неговата соба во петокот, пред да биде откриено неговото тело. Бордејн престојуваше во Франција на снимањето на серијалот „Партс анноун“.

Модната дизајнерка Кејт Спејд се самоубила, откако паднала во длабока депресија поради семејни проблеми, соопшти порталот ТМЗ.
Педесет и петгодишната Спејд не сакала да се раздели со сопругот по 24-годишен брак. Дизајнерката била во длабока депресија откако тој го напуштил семејниот дом и побарал развод.

Безживотното тело на Спејд беше откриено во нејзиниот стан во Менхетен. Таа оставила проштално писмо за нејзината 13-годишна ќерка. Според „Њујорк тајмс“, во белешката се вели дека за причините за трагедијата таа треба да го праша својот татко.
Кејт Спејд била од првиот бран на американски современи дизајнерки чиј подем започнал во 90 години. Изградила бренд за облека и модни додатоци кои ги обожавале жените со стил. Таа самата претставувала олицетворение на сопствената естетика, со фризура од 60-тите, големи очила и широка насмевка, кои ги маскирала со високата професионалност, сериозна посветеност во работата и амбиција да создаде глобален тренд.