Почнува пријавувањето за субвенции за велосипеди од Град Скопје


Од утре почнува пријавувањето за субвенции за купување велосипед што ќе ги доделува Град Скопје. Огласот за пријавување со наведените критериуми ќе биде објавен на официјалната веб страна на Град Скопје и во дневниот печат. Максималниот износ за поединечна субвенција за купување на велосипед по лице ќе изнесува 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице. Ќе се субвенционира и купување на рачен велосипед и рачен велосипед со електрично помагало за лица со посебни потреби, но не повеќе од 90.000 денари по лице.

Субвенциите ќе се делат по принципот „прв дојден, прв услужен“. За оваа намена од тековниот буџет се предвидени 10 милиони денари, од кои 9 милиони за набавка на велосипеди, а 1 милиони денари за набавка на рачен велосипед или рачен велосипед со електрично помагало за лица со посебни потреби.

„Воведовме измени во Правилникот, со цел да овозможиме поголем број граѓани да добијат субвенции, а за првпат им овозможуваме и на лицата со телесен инвалидитет да добијат можност да аплицираат на јавниот повик. На овој начин, со мало намалување на максималната висината на субвенцијата обезбедуваме субвенции за велосипеди за околу 1000 граѓани повеќе во однос на минатата година“, истакна денеска градоначалникот Петре Шилегов.

Ова е една од неколкуте мерки на Град Скопје за промовирање на велосипедот како алтернативно превозно средство, а истовремено за намалување на сообраќајниот метеж и намалување на загадувањето на животната средина.