Почнува постапката за избор на универзален снабдувач на електрична енергија


Владата ја почнува постапката за избор на универзален снабдувач со електрична енергија. Одлуката е донесена на денешната владина седница, а надлежните министерства се задолжени да номинираат членови во Комисијата за спроведување на постапката.

Канцеларијата на претседателот на Владата, Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и Министерството за економија треба да предложат по еден член и заменик-член во Комисијата за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач, а во рок од три дена по еден член и негов заменик треба да номминираат и Регулаторната комисија за енергетика и МАНУ.

Комисијата е должна во рок од 14 дена до Владата да го достави јавниот повик и тендерската документација.

– Заради остварувањето на правото на сите домаќинства и мали потрошувачи да се снабдуваат со електрична енергија со утврден квалитет по разумни, јасно споредливи, транспарентни и недискриминаторни цени, Владата на Република Македонија избира универзален снабдувач кој истовремено ќе ја врши и дејноста снабдување во краен случај. Целта на оваа постапка е остварувањето на правото на домаќинствата и малите потрошувачи на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија, односно да бидат снабдувани од универзалниот снабдувач во согласност со обврските утврдени со Законот за енергетика и правилата за снабдување, појаснуваат од Владата.

Универзалниот снабдувач ќе биде задолжен да ги снабдува по гарантирана цена потрошувачите што нема да излезат на слободниот пазар.