Почнува модернизацијата на Бит-пазар


Веќе нема пречки за реализација на долгонајавуваниот и неколкупати одложуваниот проект за модернизација на Бит-пазар. Одобрението за градба на инвеститорот „Скопски пазар“ станало правосилно, некои од пазарџиите кои се побуниле на идејата, сепак, го прифатиле проектот, па така на терен веќе се вршат активности за почеток на реализација на проектот.

„На 5 октомври е поднесен главниот проект до Општина Чаир на одобрување, за кој добивме решение за плаќање комуналии за уредување градежно земјиште, а на 25 јануари добивме одобрение за градба. За жал, одредена група корисници на наши услуги и други физички и правни лица поднесоа жалба на одобрението за градба поради што се изгуби дополнително време. Но со добра волја и заемен стремеж се изнајде решение за повлекување на истите жалби и одобрението за градба стана правосилно на 21 март. Согласно ова правосилно одобрение за градба, ‘Скопски пазар‘ ги презема сите потребни дејствија за подготовка и отпочнување со изградбата на пазарот“, велат од компанијата. Според проектот, предвидено е целосно покривање на локацијата која е во сопственост на „Скопски пазар“, согласно постојниот важечки ДУП. Тоа подразбира нови 1.000 тезги за секој вид трговски стоки што се нудат на пазарот, изградба на нов деловен простор од околу 650 квадратни метри, од кој дел ќе се продава, а дел издава. Паркирањето ќе биде решено со отворен паркинг, на кат, со капацитет за околу 230 возила. Пристапот до него е предвиден од улица „192“, која е сервисна улица што гравитира кон Чаршијата.

Од „Скопски пазар“ уверуваат дека при изградбата нема да се попречи работата на пазарџиите бидејќи градежните зафати ќе се одвиваат во четири фази.

„Притоа ќе се има во предвид обезбедување непречено функционирање и работење на најмалку 3/4 од планираната реконструкција. Притоа, ќе обезбедиме доволен број тезги за оние што ќе бидат во делот кој ќе се реконструира и гради“, информираат од компанијата. Оттаму процениле дека за модернизација на пазарот ќе потрошат 3 милиони евра. Предвидено е пазарот новиот лик да го добие во рок од 12 месеци. (Д.Т.Д.)