Почнува Моден викенд – Скопје: Четири дена екомода, дружење и забава


Со роденденската ревија „Милион милји време“ на дизајнерката Лидија Георгиева, со завидно модно портфолио на релација Париз-Скопје, вечерва, во 20 часот, во „F.A.M.E.’S“ почнува 18. Моден викенд – Скопје.

До недела престижниот моден настан ќе ги донесе најновите колекции на домашни и дизајнери од регионот со темата „Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна“, во хотелот „Мериот“.

Утревечер, во 18 часот, настанот ќе започне со модната инсталација и перформанс од финалниот дел на проектот #sustainabestorymk со капсулните колекции на учесниците и гостинките од Велика Британија односно талентираната дизајнерка Ана Скодбо и една од водечките британски стилистки Ребека Рој.

До 22 часот следуваат модниот перформанс на дизајнерката Ирина Тошева со колекцијата за есен-зима 2018/2019, ревијата на дизајнерката Теодора Митровска со колекцијата “We Are Not Machines“, модно шоу на Кренаре и колекцијата „Full of grace“ на дизајнерката Силвија Миха која оваа 2018 година заокружува два нејзини значајни јубилеи, 20 години од првата самостојна ревија на ФЛУ, како и 10 години од постоењето на нејзиното модно ателје “Алшар“.

В сабота, од 19 часот, ревии ќе имаат студентите од академијата „Џолев и уметности“, брендот за накит „Сигма“, на „Matrons dresses“ и за крај на вечерта, на Олгица Ѓоргиева и новата колекција „Bridges“.

Есенското издание на Моден викенд Скопје 2018/2019 в недела, од 19 часот, ќе го затворат модните парчиња на „Еrror kolektiv“ и нивните три бренда: „Atami“, „Em Ellephantski“ и „[0.10] error of harmony“. Следува ревијата на Сара Реџиќ и за крај на вечерта Александра Јовановска со ретроспективна ревија и колекцијата „Архетип“ од десет годишното творештво како моден дизајнер. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски