Почнува македонско-бугарската експертска дебата за историски и образовни прашања


Владите на Македонија и на Бугарија ги утврдија составот и членовите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и на Заедничката меѓувладина комисија, согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, а се очекува деновиве во Софија експертската комисија да ја има првата средба.

Како што изјави за МИА владиниот портпарол Миле Бошнаковски, Владата за координатор на Заедничката експертска комисија го назначи проф. д-р Драги Ѓоргиев, редовен професор и научен советник во Институт за национална историја и член на Македонската академија на науки и уметности, а за претседавач на Заедничката меѓувладина комисија шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Во составот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања се и проф. д-р Љубица Спасковска, научен соработник на Универзитетот Ексетер, Велика Британија во својство на надворешен член, како и членовите: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, редовен професор на Институтот за историја при Филозофски факултет на Универзитет Кирил и Методиј во Скопје, проф. д-р Љупчо Ристески, антрополог и професор на Институт за етнологија и антропологија при УКИМ, проф. д-р Петар Тодоров, виш научен соработник во Институтот за национална историја, доц. д-р Дарко Стојанов, научен соработник во Институт за национална историја и д-р Александар Литовски, директор на НУ Завод и Музеј во Битола.

Во Заедничката меѓувладина комисија, Владата покрај министерот за надворешни работи Димитров, како претседавач, за членови ги определи: вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и министерите за култура Роберт Алаѓозовски, за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, за здравство Венко Филипче, за транспорт и врски Горан Сугарески, за економија Крешник Бектеши, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Членови на заедничката меѓувладина комисија се и министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, за за труд и социјална политика Мила Царовска, за образование и наука Рената Дескоска, заменик министрите за финансии Ширет Елези,  за правда Оливер Ристовски,  за одбрана Беким Максути, за локална самоуправа Дејан Павлески и Маја Бариќ советник во Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и за координација со економските ресори.

Во Република Бугарија минатиот петок беше соопштен претседателот и членовите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Бугарскиот тим ќе го предводи Ангел Димитров, првиот амбасадор на Бугарија во Македонија. Во изјава за медиумите тој оцени дека разговорите со македонските колеги ќе бидат тешки и изрази надеж дека составот на македонската комисија ќе биде таков што ќе овозможи нормален развој на разговорите. Вети дека бугарскиот тим ќе демонстрира добри намери кои се содржани и во Договорот за добросоедство.

Според бугарски медиуми, кои се повикуват на изјава на проф. Иван Илчев, поранешен ректор на Софискиот универзитет и член на комисијата, првиот состанок ќе се одржи утре во бугарската престолнина и на него треба да бидат утврдени насоките за работата на Заедничката експертска комисија.

Формирањето на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, како и на Заедничката меѓувладина комисија е согласно одредбите од Договорот, со кој беше предвидено тоа да се реализира во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила.