Почна Сараевскиот филмски фестивал


Годинашното 24. издание на Сараевскиот филмски фестивал започна завчера со свечена проекција на црно-белата историска драма „Студена војна“ на реномираниот полски режисер Павел Павликовски. За овој филм Павликовски годинава ја освои „Златната палма“ во Кан како најдобар режисер. Претходно, во утринските часови, филмот  им беше прикажан на акредитираните новинари, а веќе од денес тој термин го преземаат филмовите од натпреварувачката програма.

Новина за оваа година е дека во сите пет дена од Фестивалот ќе бидат прикажани сите филмови од овој избор, така што до среда ќе се случуваат по две церемонии на црвениот килим. По повод фестивалот, во главниот град на Босна и Херцеговина ќе има безброј настани од културна природа. Еден од нив е изложбата „Уметноста на филмскиот плакат“, која ја организира ЕУ-инфоцентарот, а која беше отворена во Академијата за ликовни уметности.

На 24-то издание на СФФ на публиката ќе и бидат понудени вкупно 266 филма од 52 земји.

Освен Павликовски, во Сараево пристигна и двојниот оскаровец Асгар Фархади, афирмиран ирански режисер кој годинава е и на чело на жирито во Сараево и турскиот режисер Нури Билге Сејлан, добитник на „Златна палма“ од фестивалот во Кан.