Почна наставата за учениците од ОУ „Гоце Делчев“


Една недела од почетокот на учебната година почна наставата и во ОУ „Гоце Делчев“ во Општина Центар за речиси петстотини ученици. Изминатава година училиштето се реновираше, ама градежните зафати ги пробија роковите. На трети септември дечињата дојдоа на училиште, меѓутоа истиот ден Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесе одлука за одложена примена на објектот, поради тоа што во просториите на училиштето се изведуваат градежни активности за доградба и санација. На општината од инспекторат и беше укажано дека прашината може да предизвика последици по здравјето на децата. Родителите се изреволтираа по информацијата да ги донесат децата на настава од оваа недела. Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, рече дека застојот во градежните зафати не бил кај изведувачот, туку причина била судска пресуда со извршно решение на сметката на Општина Центар со што запреле сите налози за работа што требало да се потпишат.

„Дојдовме до вакуум не по наша вина. Ова се работи што Општината и јас како градоначалник ги наследивме. Тој вакуум-период од неколку недели направи вакуум во работата, бидејќи не можевме да потпишуваме налози за работа и да се продолжат планираните активности“, рече Богдановиќ.

Директорката на ОУ „Гоце Делчев“, Наде Молеровиќ, рече дека имаат план и програма како ќе ја надоместат наставата од петте изгубени дена.

„Во соработка сме со инспекторатот каде што доставивме програма, а имаме интерен распоред со кој секој наставник си знае како до крајот на првото полугодие ќе си ги одработи сите часови. Тоа е најмалиот проблем за нас“, рече Молеровиќ.

Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов рече дека до крајот на оваа и почетокот на наредната недела ќе заврши распределбата на учебниците.

„И тука имаше некои објективни тешкотии, но сè ќе заврши како што треба. Да бидеме трпеливи уште неколку дена“, уверува Атанасов.

Богдановиќ, пак, додаде дека за децата од Центар во мај 2019 година ќе биде готово ново модерно основно училиште во скопската населба Капиштец.

(В.М.Л.)