Почна големата преселба во странство


Додека дел од студентите едвај чекаат да здивнат од предавања, вежби, испити и кројат планови каде да заминат на одмор, дел веќе ги спакуваа куферите и отидоа да работат надвор од земјава. Некои ја користат шансата и да останат засекогаш во странство.

Соединетите Американски Држави се најпосакувана дестинација што студентите ја избираат изминативе пет години, а голем интерес има и за Германија, пред сѐ поради помалите почетни трошоци. Заминуваат надвор со посредство на агенции преку програмата за патување и туризам „Work and Travel“. Шанса да работат имаат четири месеци, а еден месец можат да прошетаат, за што им е обезбедена виза. Моментално заминати се околу 60 отсто од студентите што аплицирале за летната програмата, велат од корпорацијата „Коузон“, додека останатите ќе заминат оваа недела и правата недела од јуни. Минатата година на програмата „Work and Travel“ преку „Коузон“ заминаа 390 студенти, а по истекот на визата навреме не се вратиле во државава 17 отсто од нив.

  Студенти заминати преку „Work and Travel“ преку корпорацијата Коузон

Најчесто работат во услужна дејност, во реномирани хотели, ресторани, сувенирници, продавници, забавни и национални паркови. Апликантите што одбрале програма со обезбедена работа се вработени. Платите се движат од 300 до 5.000 евра.

„Причината за заминувањето најчесто е желбата за напредок, ново искуство, подобрување на нивото на англискиот јазик. Да се искуси на своја кожа тоа што веќе го доживеале тие што биле на програмата како колеги, комшии, пријатели и со широко отворени очи раскажуваат за своето работно искуство и за местата што ги посетиле. Програмата ‘Work and Travel’ е престиж меѓу студентите. Ние сме во постојан контакт со студентите додека се во САД и ги разубедуваме во нивната ‘луда идеја’ за останување бидејќи има многу други можности и квалитетни програми кои ‘Коузон’ може да им ги понуди. Најчесто успеваме во тоа, но кога се работи за вистинска љубов, тука тешко ни успева разубедувањето“, вели Зоран Кочоски, генерален менаџер на корпорацијата „Коузон“.

Методиј Ритов е втора година на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Преку програмата „Work and Travel“ првпат ќе оди да работи во странство. Плановите му се по истекот на визата да се врати во земјава и да продолжи со студиите. Според договорот што го потпишал со корпорацијата, ќе работи како продавач во продавница за спортска опрема. Заминува со цел да го подобри познавањето на англискиот јазик.

„Избрав да отпатувам и да работам во странство пред сѐ за да стекнам ново искуство и да го подобрам англискиот јазик. Очекувам ова лето да ми биде најдобро, плановите ми се по истекувањето на визата да се вратам во Македонија“ рече Методиј.

Можностите за заработувачка дел од младите ги претвораат во можности за продолжување со животот во странство. Таму формираат и семејства и не се враќаат назад. Сево ова според Зоран Илиески од коалицијата „Сега“ го зголемува не само одливот на физичка сила, туку го зголемува и одливот на мозоци од државава.

„Во ваква ситуација, државата мора да преземе адекватни мерки, да обезбеди услови за нивно задржување. Доколку младите во Македонија ги имаат сите услови да останат тука, не би размислувале за надвор. Вреди да се анализира моментот, колку ваквите програми значително придонесуваат за развој на државата, а од друга страна ги зголемуваат можностите за иселување на младите“, рече Илиески.

Речиси сите истражувања во Македонија потврдуваат дека голем дел од младите се гледаат себеси во странство идните години. Главни фактори кои водат до ова, покрај потрагата по работа и образование, се и условите за живот. Дона Костуранова од Младински образовен форум вели дека за младите во Македонија да се гледаат себеси во земјата, треба да гледаат можности во неа.

„На младите мора да им се овозможи квалитетно образование, пристојни услови за живот и учење, можност за наоѓање работа и генерално иднина во земјата. Ако продолжат или се влошат сегашните состојби за млади и не се промени сликата во која младите се двојно поневработени од останатите, ако најпожелна работа е во јавната администрација, образованието рангира на меѓународното дно, а третина од младите немаат можност да отидат во кино или на друга културна активност, не можеме да очекуваме промена на подобро. Мора да создадеме подобри услови сега, за да се подобри иднината“, рече Костуранова.

Истражувањето што го направија студенти на тема „Зошто младите сакаат да си одат од Македонија?“ покажа дека желба на околу 60 отсто од испитаниците е трајно да се отселат од Македонија и да живеат во странство, а околу една третина активно работат на изнаоѓање начини за тоа. Процентот е уште поголем ако се земат предвид само испитаниците кои моментално живеат во Македонија − речиси 40 отсто сакаат да ја напуштат државата, а дополнителни 30 отсто активно работат на тоа. Ситуацијата е слична кога станува збор за испитаниците кои моментално живеат во странство – 90 отсто од нив не се гледаат себеси на долг рок во Македонија, дури и ако сакаат да се вратат на пократко.

Според последните податоци од Светска банка, надвор од Македонија живеат и работат повеќе од 29 проценти високообразовани граѓани, а вкупниот број на иселеници изнесува 21 процент. Сепак, точни податоци за бројот на жители и оние кои ја напуштиле Македонија нема бидејќи стандардизиран статистички попис не е спроведен од 2002 година.
Министерката за образование и наука Рената Дескоска пред десетина дена подвлече дека причина што многу млади веќе заминале надвор се ниските плати, економската нестабилност и неизвесност, политичките притисоци и малкуте можности за напредок во кариерата. Како причина за барање подобар живот во странство ги напомена ограничените можности за работа на младите во нивна област и недостатокот на финансиски средства – фронтови на кои, како што рече, почнале да работат.

 

Вероника Мароска-Леова