Почина човекот кој ги спречи нацистите да се стекнат со атомска бомба


Норвешка – Норвежанецот Јоаким Рененберг, кој раководеше со операцијата во која нацистите беа спречени да произведат неопходни материјали за производство на атомска бомба, почина на 99 години.

Рененберг во 1943 година, во тогаш окупираната Норвешка, ја дигна во воздух нацистичката постројка за производство на деутериум (тешка вода).

Тој беше избран од британскиот Директорат за специјални операции. Рененберг тогаш имаше 23 години и беше најмлад член на тимот што отиде зад непријателската линија.

Тимот на Рененберг имаше мали изгледи за успех. Претходната операција не успеа, а нејзините членови беа заробени и убиени. Членовите на тимот на Рененберг подоцна ја опишаа операцијата како самоубиствена.

Оперативците со скии и пешки стигнаа до постојката, каде поставија бомби, но Рененберг одлучи да ги скрати фитилите, со што беше намалено и времето за предизвикување експлозија, како и помалку време за бег.

Членовите на тимот бегајќи од нацистите поминаа стотина километри низ планински терен за да стигнат на безбедно.

Рененберг две недели подоцна успеа со скии да стигне до Шведска, која беше неутрална за време на Втората светска војна.