Почина кардиналот обвинет за злоупотребување деца по кој беше снимен филмот „Спотлајт“


Почина кардиналот Бернард Ло кој беше именуван за бостонски надбискуп во 1984 година, но се повлече од функцијата во 2002 година по низа извештаи на истражувачки тим од весникот „Бостон глоуб“, по што во 2015 година беше снимен и филмот „Спотлајт“.

Во овие извештаи се наведуваше дека десетици свештеници кои сексуално злоупотребувале деца со години, се преместувани од една во друга парохија за време на мандатот на кардиналот Ло, а за тоа не биле известени ниту парохиите, ниту полицијата.

Овие извештаи доведоа не само до оставка на кардиналот Ло, туку и до разоткривање на други случаи на злоупотребување во 102 градови во САД и 105 бискупии ширум светот.

Кардиналот Бернард Ло, кој беше приморан да поднесе оставка од местото бостонски надбискуп во 2002 година поради скандал со сексуално злоставување, почина во Рим на 86-годишна возраст.

Кардиналот Ло беше обвинет за преместување на свештеници педофили од една во друга парохија, наместо да се соочат во обвинувања. По заминувањето од Бостон, тој се вработи во Ватикан, каде работеше до 2011 година.

Бостонската надбискупија во јануари 2002 година ја потресоа наводи за сексуално злоупотребување кое во текот на неколку децении го извршиле десетци свештеници. Оваа надбискупија избегна банкрот со тоа што се согласи да продаде земја и објекти за повеќе од 100 милиони долари за да финансира судски спогодби со повеќе од 500 жртви на злоупотребувањето.

Скандалот го поттикна Ватикан да подготви нова стратегија за борба против сексуално злоупотребување деца во Римокатоличката црква.