Почина дете во градинка во Србија


Девојче на 12,5 месеци почина на Одделението за интензивна нега на Педијатриската клиника во Белград, откако вчера заспало во градинка во местото Врчин, а потоа негователката и мајката не можеле да го разбудат.

Кога мајката отишла по детето во градинка, вчера околу 12 часот, тоа било со помодрени усни. Не можеле да го разбудат. Мајката го зела во раце и го однела во најблиската болница, на само пет минути пешки оддалечена од градинката. Таму лекарите констатирале престанок на срцевата акција, но по неколку обиди успеале да го реанимираат девојчето. Потоа било згрижено на Педијатриската клиника, каде денес починало.

Според информациите на српските медиуми, детето претходни било здраво и немало посериозни здравствени проблеми.

Првите претпоставки се дека можна причина е Синдромот на изненадна смрт (СИДС), редок, но познат синдром карактеристичен по тоа дека детето може да заспие и да не се разбуди. Синдромот се јавува кај доенчиња, но и кај поголеми деца, па дури и кај тинејџери. Во овој момент, медицината тоа не може да го спречи, ниту да го предвиди.