Почина Бaрт Рејнолдс, холивудска легенда и секс-симбол


САД- Еден од култните холивудски актери од 70-те и 80-те, Барт Рејнолдс ненадејно почина вечерва на 82-годишна возраст. Зад себе остави блескава кариера полна со филмски хитови, а ќе остане запаметен и по номинацијата за Оскар која ја доби за улогата во „Boogie Nights“.

Само неколку месеци откако беше најавено дека ќе се појави во новиот филм на Квентин Тарантино, „Once Upon a Time in Hollywood“, Барт Рејнолдс почина и го остави Холивуд да тагува по него.

Барт Рејнолдс имаше кариера каква што многумина можат само да посакаат. Се прослави со филмовите „Deliverance“ и „Smokey and the Bandit“, а на врвот на Холивуд се искачи во 1998 година, кога беше номиниран за Најдобра споредна машка улога за филмот „Boogie Nights“.

Холивуд ќе го памети како една од најголемите машки актерски ѕвезди и секс симбол кој беше заштитно лице на високата актерска класа цели три децении.