Почина Арета Френклин, кралицата на соулот


Легендарната пејачка Арета Френклин почина денеска во Детрои на 76 годишна возраст, јаваат тамошните медиуми.

Кралицата на соул музиката боледуваше од рак кој и беше дијагностициран во 2010 година.

Музичката легенда, веќе со години се бореше со срцеви заболувања и често се наоѓаше под докторска нега.

Арета Френклин настапуваше во живо до минатата година, но во последниот период откажа голем број концерти поради нејзината здравствена состојба, која изгледа дека се влошува од ден на ден. Нејзиниот последен настап беше на 2 ноември 2017 година, кога пееше на фестивалот организиран од страна на фондацијата на Елтон Џон.

„И понатаму ќе продолжам да снимам музика, но оваа година ќе биде последната во која настапувам пред публика“, рече пејачката во февруари оваа година.

Арета имаше здравствени проблеми во текот на целиот живот, борејќи се со прекумерна тежина, алкохолизам и зависност од цигари.