Потпишан договорот за продажба: ЕДС продадена за 4,8 милиони евра


Кочо Анѓушев, сопственикот на компанијата за продажба на струја ЕДС и Манолис Панајотакис, извршниот директор на Грчкото електростопанство ППЦ потпишаа договор за купопродажба. Македонската компанија е продадена за 4,8 милиони евра. На договорот претходеле извештаи на двe ревизорски куќи кои ја процениле компанијата на над 5 милиони евра.

„За мене е ова и тажен и среќен ден.Среќен зашто компанијата оди во добри раце а тажен затоа што ја продавам а таа е мое дете”, рече Анѓушев пред потпишувањето на договорот.

„Знаеме дека преземаме успешно претпријатие, и сакам да му порачам на Анѓушев дека фирмата ја остава во вистински раце”, изјави Панајотакис.

По денешното потпишување на договорот за купување на акциите, неопходно е да се завршат одредени формалности и процедури, што ќе доведе до финален трансфер на компанијата.

ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра. Основната дејност на ППЦ е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти. ППЦ е исто така сопственик на дистрибутивната мрежа на Грција којашто стопроцентно ја води филијала „ХЕДНО”, како и ППЦ Обновливи извори – една од пионерските компании во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори. Покрај тоа, ППЦ има подружници во Бугарија, Турција и Албанија. ППЦ неодамна потпиша стратешки договор со американската компанија Џенерал Електрик за соработка во поддршката на термоенергетските единици во Европа и Северна Африка.
(А.С.)