Постигнувањата на Арсен Венгер за 22 години на чело на Арсенал


Без сомнение, Арсен Венгер ќе остане засекогаш запаметен како еден од најдобрите тренери кои работеле во Премиер Лигата. Францускиот специјалист помина неверојатни 22 години на чело на „топџиите“, а денес објави дека на крајот од сезоната ќе го напушти англискиот фудбалски гигант.

Што, сепак, успеа да постигне тој во овој долг период во Лондон?

Арсен Венгер успеа да го доведе Арсенал до три титули во Премиер лигата и седум трофеи во Купот на Англија. Во 1998 и 2002 година, „топџиите“ запишаа дубл.

Чисто статистички, Венгер до овој момент беше на чело на Арсенал во 823 натпревари, од кои тимот победи во 473 од нив, а во 151 загуби. Во нив, „топџиите“ постигнале 1.549 гола.

Трите титули во ерата „Венгер“ дојдоа во првите девет сезони на Французинот во Лондон. Во сезоната 2003/04, Арсен Венгер стана првиот менаџер во англискиот фудбал од сезоната 1888/89, чиј тим ја завршува кампањата без пораз.

По освојувањето на ФА Купот во 2005 година, сепак, Арсенал мораше да чека цели 9 сезони за уште еден трофеј. Тој дојде во 2014 година, кога на истиот турнир „топџиите“ го победија Хал Сити во финалето.

Во 2006 година, Арсенал изгуби од Барселона во финалето на Лигата на шампионите, а тимот од Лондон оттогаш имаат сериозни потешкотии во Европа, со исклучок на актуелнава сезона, во која ќе играат полуфинале во Лигата на Европа против Атлетико Мадрид.