Поранешниот директор на ЕЛЕМ Дејан Бошковски на суд за „Тарифа“


Во Кривичниот суд денеска е закажано судење за предметот на СЈО „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица.

Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Обвинителите на СЈО на минатото рочиште во Судот рекоа дека ќе докажат оти тројцата обвинети ја злоупотребиле службената положба и овластувањето. Обвинетите пак се изјаснија дека не се виновни.

Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

Со новиот распоред предметот „Тарифа“ ќе го суди судијката Софче Гаврилова-Ефремова.