Поранешна Република Македонија
Ерол Ризаов
Македонските тенки „патриоти“ за одбрана на идентитетот и уставното име на државата, ако се суди според посетеноста, иконографијата на протестите и гласноста на хистеријата, ја губат битката со грчките националисти . Солун и Атина станаа срамот на Европа прикажувајќи го повторно грдото лице на грчката демократија. Скопските поворки пред парламентот и пламените говори на свеќи, споредени со грчките митинзи се глувонема редица на најблиските роднини пред капелата за простување од покојникот.
На примитивните популистички митинзи во Солун и во Атина, организирани од опозицијата и подржани од партиски лидери коалициски партнери на владата и од црковниот врв, се минира изгледноста да се најде прифатливо решение за иднината на Република Македонија, да стане современа и стабилна демократска европска држава, членка на најголемите светски воени и економски сојузи НАТО и ЕУ, односно да биде голем сојузник и на Грција. Двајцата премиери Ципрас и Заев сѐ уште оставаат впечаток дека навистина сакаат решение кое нема да ги повреди двете страни и ќе ја симне 25-годишната блокада на европеизацијата на Македонија, од што најголема полза ќе извлече пак Грција, но последниве неколку дена како да се потивки во своите определби. По добриот и ветувачки почеток во Давос, со силниот отпор прво во Солун, а утре и во Атина, како повторно да превагнува прашањето дали грчките митинзи организирани од политички партии и разни националистички здруженија, а поддржани од државни институции кои ги запалија огновите и изнесоа стотици илјади граѓани на улиците на најголемите градови во Грција, ќе станат пресудни и по 25 години да продолжи блокадата на Република Македонија во остварувањето на своите стратегиски цели. Ќе биде ли тоа уште една силна шлаканица по Букрешт 2008 година и на Америка, и на ЕУ, и на НАТО, и на Обединетите нации, и на сѐ она што се подразбира под меѓународна заедница. Можат ли да го уништат целиот тој труд и напор споулавени и фрустрирани националисти. За луѓе со здрав разум, да речам со појасно разграничување, за нормални луѓе кои се современици и живеат на крајот од втората декада на 21 век, ова е навистина тешко да се разбере.
Ако станува збор за византиски игри и надмудрувања, да се постават митингашки понижувачки предуслови за соседот да биде прогласен за виновен што не прифаќа решение по диктатот на Грција, тогаш единствениот можен позитивен одговор е прашањето дали сите погоре набројани евидентно заинтересирани страни Америка, ЕУ, НАТО, ОН со Меѓународниот суд за правда немаат сила и волја да најдат аргументација и да испорачаат праведно решение кое навистина ќе биде прифатливо и нема да го повреди ниту достоинството, ниту интересите на двете земји. Страв да те фати колку банални и истрошени од преголема употреба станаа овие суштински предуслови за праведно решение.
Во Република Македонија постои подготвеност во владата и во добар дел од јавноста, но не и кај мнозинството граѓани, да се прифати уште една одредница во уставното име на државата која ќе направи попрецизно разграничување на географската област Македонија, за да се види подобро разликата што е тоа грчка Македонија и република нова, или северна, или горна Македонија. Таква неволна подготвеност постои иако станува збор за навредлив ултиматум и несакано кумство. Приоритетите на државата и значењето на евроатланските интеграции за иднината на граѓаните ја прават Македонија покооперативна да прифати отстапки во делот на разграничување на географската област и во јасно искажана подготвеност за откажување од интервенцијата на политиката во науката во делот на античкото минато. И толку. Сѐ друго е над непишаната црвена линија на Република Македонија.
За безразложниот наводен страв на Грција од македонски иредентизам знаат и Грците, и НАТО, и Америка, и малите деца. Таа закана со иредентизам на Република Македонија врз Грција, која е регионална велесила во однос на Македонија, е само изговор да се бараат по трет пат уставни промени, за работите да заглават во кревкиот парламент, за решението да се одложи за наредни 25 години, демек по вина на Македонија . Така што, македонските патриоти имаат, исто така, голема шанса да бидат задоволни бидејќи нивните помногубројни колеги во Грција се на добар пат да им завршат работата, Македонија да не стане членка на НАТО и да не ги почне преговорите за влез во ЕУ.
Ако и натаму победуваат неказнето националистичките и шовинистички струи на Балканот кои најмногу го посакуваат името поранешна Република Македонија, не знаат дека новите граници ќе им бидат коска во грлото најмногу на Македонците, ама и на Грците, бидејќи тие ќе бидат најголемите губитници од новата карта на Балканот која самите ја цртаат.