Порака од Тирана: Албанија и Косово да влијаат за успешен референдум во Македонија


Тирана  – Демократската партија, најголемата албанска опозициска партија, побара од Албанија и од Косово „да сторат се за позитивен резултат на референдумот во Македонија кој е од огромно значење за оваа земја“.

Пренесувајќи го партискиот став, актуелниот пратеник и поранешен шеф на дипломатијата,Тритан Шеху, изјави дека албанскиот фактор на Балканот треба „да влијае на позитивниот резултат на референдумот што ќе се одржи на 30 септември“.

– Албанија, Косово и целокупниот албански фактор во регионот треба да бидат активна страна за да помогнат да се постигне позитивен резултат, кој е од витално значење за Македонија, смета Шеху, кој е и најсериозен кандидат за иден градоначалник на Тирана.

Тој додаде дека оние кои сакаат да го „поткопаат” референдумот се оние кои со години создадоа многу вештачки проблеми со Грција, со Брисел и со НАТО, за да ги подигнат пречките во интегративните процеси, за кои нема прошка и кои денес и понатаму се обидуваат да ја стават својата земја некаде далеку на Исток, дури и за интерес на трети земји.

Претходно, и шефот на албанската држава Илир Мета ги повика сите Албанци во Македонија да учествуваат на референдумот на 30 септември и да гласаат за договорот, за отворање на ново поглавје не само во корист на интеграцијата на Македонија, туку и нивната иднина во оваа земја.