Поп-ѕвездата Дуа Липа доби клучеви на градот Приштина


Косово– Поп-ѕвездата по потекло од Косово која живее и работи во Лондон, Дуа Липа ги доби клучевите на градот Приштина откако пристигна во Косово поради фестивалот “Sunny Hill” кој го организира нејзиниот татко.

Тоа е прв пат некој да ги добие клучевите на овој град. Инаку, Липа која е сè повеќе популарна, привлече големо внимание со голотијата во спотовите, но и отворената поддршка за независноста на Косово.

“Ова е голема чест за мене”, напиша на својот Инстаграм профил и му се заблагодари на градоначалникот на Приштина, Шпенд Ахмети.

Фестивалот „Sunny Hill“  кој трае три дена, завршува денес.

Дуа Липа е родена во 1995 година во Лондон. Нејзината музичка кариера започнала на 14-годишна возраст, кога таа почнала да препејува песни од други уметници на YouTube.

Во 2015 година, таа потпиша со „Warner Music Group“ и набрзо потоа ја издаде својата прва песна. Во декември 2016 година, документарен филм за Липа беше нарачан од списанието „The Fader“, насловен како „Види во сино“.

Нејзиниот прв студиски албум насловен „Дуа Липа“ беше издаден на 2 јуни 2017 година. Од албумот беа издадени седум песни, меѓу кои и песните „Be The One“ и „IDGAF“ кои се најдоа во првите 10 на британската топ-листа и песната „New Rules“, која се искачи на врвот на листата.

Во 2018 година, Липа ги доби две награди на доделувањето на британските музички награди, и тоа за најдобра британска соло изведувачка и најдобра нова британска пејачка.